Проповед на монс. Стојанов за денот на болни: Крстот е смисла на сѐ
Проповед на монс. Стојанов за денот на болни во Струмица
Драги браќа и сестри, во оваа година на Божјото милосрдие Црквата со посебна љубов ја прати вашата улога во таинството на спасението, бидејќи Христос не нѐ откупи со убави зборови, туку со страданијата и смртта на крстот, а тоа откупување го потврди Бог воскреснувајќи го од мртвите. Така Христос го продолжи делото на спасението преку страдалникот за да ја води и денес Црквата кон спасението. За вовед во ова размислување сакам да ви прочитам едно посмо од една жена Венедика Бијанки Поро, која светечки умира во 1964 година. Писмото го пишува една година пред смртта, кога веќе била неподвижна, глува и слепа, тоа писмо е упаено до едно очајно момче кое се викало Надалино. Вака пишува: „Драги Надалино во списанието Епоха е објавено твоето писмо. Со говорот на прстите мама ми го прочита. Глува сум и слепа, и заради тоа работите како читање и пишување за мене се доста напорни. Јас како и ти имам 26 години и одамна сум болна. Болеста ми ги онеспособи мускулите кога бев пред завршување на долгогодишните студии, а требаше да дипломирам медицина во Милано. Веќе некое време бев наглува, но лекарите на почетокот не ми веруваа. А јас одев напред заљубена во студиите кои очајно ги сакав. Имав 17 години кога се запишав на универзитетот. Кога бев скоро кон крај на студиите, кога ми остана уште еден испит, болеста сосема ме зароби. Мојата диплома ми послужи само за да се дијагностицирам самата себе, бидејќи сѐ уште никој не сфаќаше што се случува со мене, за што станува збор. До пред три месеци сѐ уште гледав, а сега е целосен мрак. Сепак, на својата Голгота не сум очајна. Јас знам дека Исус ме чека на крајот од моето патување. Претходно во количка, сега веќе во кревет, кое стана мое живеалиште, најдов поголема мудрост од онаа човечката. Најдов дека постои бог и дека Бог е љубов, верност, радост, сигурност сѐ до завршетокот на светот. Наскоро ќе бидам само име, но мојот дух ќе живее овде меѓу моите, меѓу тие кои страдаат, а ниту јас нема залудно да страдам. А ти Надалино, никогаш не се чувствувај сам. Ведро продолжи го својот пат и ќе те осветли светлината и вистината: патека на која навистина постои праведност, која не е човечка, туку праведност која само Бог може да ти ја даде. Моите денови не се лесни; тешки се, но се слатки, бидејќи Исус е со мене, со моите болки и ми дава милост во осаменоста и светлина во темнината. Тој ми се смешка и ја прифаќа мојата соработка со него. Чао Надалино, животот е краток, брзо поминува. Доста е краток патот за оној кој сака безгранично да ужива, но сигурен во Оној кој со него соработува да стигне до Вечноста. Те прегрнувам. Твоја сестра во Христос. Венедика.
Драги браќа и сестри само малку подлабоко да погледнеме околу себе и ќе најдеме многу слични животни драми и овде околу нас. Кога само би имале можност да го видиме сето страдание во светот ќе видиме дека нашето страдање е само мал дел од тоа што страдаат нашите браќа и сестри.
Која е смислата на страданието? Зарем не чувствуваме во себе револт и побуна против добриот Бог кој допушта на човечкиот живот толку горки мигови. Неверојатна вистина е дека страданието, всушност е голем дар на Божјата љубов. Тоа многу јасно и со животот и со зборови го сведочеше блажена Мајка Тереза. Од најдлабоката длабочина на срцето се прашуваме: Боже како? Конечниот одговор е во тоа дека љубовта најдобро и најповеќе се докажува преку другиот: колку сме способни да поднесеме за Него. Цената на љубовта не е чувството, туку солзата и болката. Да се присетиме на херојството на мајчинството и татковството. Кој од вас не би дал сѐ од себе да го спаси своето дете. Исусовиот крст и страдание е јасен одговор дека Бог до таа мерка го љубеше човекот за да го спаси од љубов кон нас го жртвуваше и даруваше својот Син.
Да запаметиме дека во страданието не е најважна болката. Во страданието најважна е љубовта. За кого страдаме, за кого прикажуваме и на кого се прикажува нашето страдание да биде откупено за другите. Така всушност, страдалникот е Божја сила и срце на Црквата која со страданието го врши своето послание на спасение.
Погледнете го односот на Светиот Отец папа Иван Павле II или на Светиот Отец Фрањо, кои најмногу ги ценат болните страдалници кои во својата немоќ се навистина семоќни.
Заедно со зборовите на блажена Мајка Тереза да го завршиме нашето размислување: Пресвета Дева Маријо, Мајко наша, денес ти ја упатувам својата молитва за болните, инвалидите и хендикепираните. Грижи се за нив како што може само мајка да се грижи за своите деца. Дај им деноноќна сила на стрпливост. Те молиме сите ние храбро да прифатиме сето тоа што не ни се допаѓа во нашиот живот. Маријо, Мајко на милосрдието, дај ни радост и мир и направи да бидеме милосрдни едни кон други како што си ти милосрдна кон нас. Амин.