Слово за живот

„Марто, Марто ти се грижиш и се трудиш за многу работи,но само едно е потребно“(Лк 10, 41-42)

Голема чувствителност има во повторувањето на ова име:Марта, Марта.Куќата во Витанија, на влезот во Ерусалим е местото каде што Исус со радост застанувал и се одмарал со своите ученици. Во градот морал да води расправии, таму наидувал на отпор и отфрлање, а тука владееле мирот и гостопримството.

Марта е иницијативна и работлива.Тоа го покажала кога починал нејзиниот брат и кога таа со Исус започнала содржаен разговор во кој решително му се обратила.Таа била силна жена која покажувала голема вера. На прашањето: „Веруваш ли дека сум воскресение и живот?“ без двоумење одговорила: „Да Господине, верувам“ (сп.Иван 11,25-27).

Сега е насочена на подготвувањето достоен пречек за Учителот и Неговите ученици. Таа е господарка на куќата (тоа го кажува и нејзиното име: Марта значи господарка) и оттаму чувството за нејзината одговорност. Веројатно подготвува вечера за почесниот гостин. Нејзината сестра Марија ја остава сама во подготовките. Спротивно на источните обичаи, наместо да оди во кујната, таа останува со мажите за да го слуша Исус седејќи до Неговите нозе, како Негова вистинска ученичка.Затоа Марта по малку лутo ќе реагира: „Господи, зар не ти е грижа што сестра ми ме остави да служам сама? Кажи ѝ да ми помогне “(Лк 10,40).Но еве го нежниот, а воедно и решителен Исусов одговор:

 „Марто, Марто ти се грижиш и се трудиш за многу работи,но само едно е потребно“(Лк 10, 41-42)

Зарем Исус не е задоволен со снаодливоста и великодушното служење? Зарем не му се допаднало конкретното гостопримство и зарем не уживал во јадењата што таа му ги подготвила? Нешто подоцна во параболите ќе упати пофалби до управителите, претприемачите и слугите кои со своите таленти знаеле да донесат род (сп. Лк 12,42;19,12-26). Дури и ќе ја пофали нивната снаодливост (сп.Лк 16, 1-8). И зарем не требаше да се радува гледајќи ја работливата жена, способна да приреди достоен и богат дочек? Исус ја прекорува бидејќи во работата внесува тежина и загриженост. Возбудена е „ме остави да служам сама“ (Лк 10,40). Таа го губи мирот и веќе не ја води работата, туку работата ја води неа и господари со неа. Веќе не е слободна, станала робинка на својата работливост.

Понекогаш зарем и на нас не ни се случува да се изгубиме во бројните обврски? Нè привлекува и нè одвлекува интернетот, интерактивните разговори, непотребните СМС пораки. Понекогаш и нашите вистински обврски нè одвлекуваат од вниманиетои од слушањето на другите личности кои се покрај нас. Опасноста се состои пред сè во тоа да забораваме за што и за кого работиме. Работатата и разните занимации стануваат цел сами за себе. Понекогаш нè обзема тага и вознемиреност пред тешките ситуации и проблеми поврзани со семејството, материјалната ситуација, кариерата, училиштето, иднината на децата… Сетоа тоа оди до таму што ги забораваме Исусовите зборови:

„Па затоа, не грижете се и не говорете: ‘Што да јадеме?’ или ‘Што да пиеме?’, или ‘Во што да се облечеме?’. Зашто сето тоа го бараат и незнабошците, а вашиот Отец небесен знае дека од сето ова имате потреба.“(Мт 6, 31-32). И ние тогаш го заслужуваме Исусовиот прекор:

 „Марто, Марто ти се грижиш и се трудиш за многу работи,но само едно е потребно“(Лк 10, 41-42)

 Што е тоа што единствено е потребно? Да се слушаат и да се живеат Исусовите зборови. Ним – и Нему кој зборува – не може ништо да му биде поважно. Вистинскиот начин да го угостиме Господ, да го примиме дома во куќата е да го прифатиме она што Тој ни го кажува. Онака како што направила Марија, која ги заборавила сите, седнала до неговите нозе, впивајќи го секој негов збор. На тој начин нема да бидеме водени од желбата да се покажеме и да се истакнеме, туку да му се допаднеме Нему, да бидеме во служба на Неговото царство.

Налик на Марта и ние сме повикани да правиме „многу“ за доброто на другите. Исус нè научил дека Отецот се радува ако даваме „многу род“ (сп.Ив 15,8) и ако правиме дела поголеми од Неговите (сп,Ив 14,12).

Тој од нас очекува преданост, самопрегор, оригиналност, смелост и иницијативност во работата која ни е дадена. Но, да ја извршуваме без тежина и вознемиреност, туку со мир кој доаѓа од свеста дека ја извршуваме Божјата волја. Единствено што е важно за  а станеме Исусови ученици е да му допуштиме Тој да живее во нас, да бидеме подготвени за неговите вдахновенија и за неговиот тивок глас кој ќе нè води од миг во миг. Така Тој ќе го води сето она што ние треба да го правиме.

Во извршувањето на „многу работи“ нема да бидеме растресени и распрснати. Следејќи ги Исусовите зборови, ќе нè поттикнува само љубовта. Во сите наши грижи ќе правиме само едно: ќе љубиме.

Фабио Чијарди

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот