Апостолскиот викар на Северна Арабија, епископот Алдо Берарди, и грчкиот православен митрополит на Кувајт и Багдад, надбискупот Гатас Хазим од Антиохиската патријаршија, заеднички предводеа ходочестие на Света Гора од 6 до 9 септември.
Ходочестието, кое го доби благословот на Вселенскиот патријарх Вартоломеј, опфати посета на дванаесет од вкупно дваесетте светогорски манастири.
Епископот Берарди го опиша патувањето како „историско“, нагласувајќи дека тоа го одразува добриот однос меѓу Католичката и Православната црква во Кувајт.
Делегација на католици и православни
Во католичката делегација беа отец Слиман Хифави од Ко-катедралата на Светото Семејство во Кувајт, отец Бутрус Гариб од Источната католичка црква во Кувајт, семинаристот Педро Мендоза од Латинската патријаршија во Ерусалим и Пјер Малуф. Православната црква ја претставуваше отец Ефрем Ал Туми.
Учесниците имаа можност непосредно да се запознаат со монашкиот живот и духовноста на Света Гора. Делегацијата најнапред беше пречекана во манастирот Симонопетра, а потоа и во Ватопед.
Светогорските манастири се под духовна јурисдикција на Вселенската патријаршија и уживаат висок степен на автономија.
Чекор кон христијанското единство
Според соопштението на Апостолскиот викаријат, Вселенскиот патријарх Вартоломеј позитивно одговорил на иницијативата на митрополитот Хазим, чија цел е „да продолжи отворањето патишта за единство на христијаните“.
За време на ходочестието, католичките и православните учесници заедно престојуваа во едно од најзначајните средишта на православното монаштво, место поврзано со животот на бројни светители.
Меѓу нив е свети Григориј Палама од XIV век, како и свети Арета од VI век, еден од заштитниците на Црквата на Арапскиот Полуостров, почитуван и од католиците и од православните христијани.
Ватикан њуз/к.мк

