Папата: Мачениците не се вештачки светци, туку вистински победници

Папата: Мачениците не се вештачки светци, туку вистински победници

За време на Генералната аудиенција папата Фрањо продолжи со серијата катехези за Делата на светите Апостоли во кои евангелистот Лука раскажува за воспоставувањето на ѓаконската служба во Црквата и го опишува ликот на Стефан првиот маченик христијанин.

Мачениците не се вештачки светци, туку вистински победници – рече папата Фрањо во катехезата која ја одржа за време на аудинцијата на 25 Септември 2019 година на плоштадот Свети Петар, ставајќи го во фокусот на катехезата ликот на ѓаконот Стефан, првиот маченик христијанин кој полн со Светиот Дух правел големи чуда и знаци во народот. Меѓутоа така предизвикувал непријателство и омраза на некои членови на синагогата. Евангелистот Лука преку Делата на светите Апостоли ни зборува за патот на евангелието низ светот – рече Папата и истакна: Но исто така и за појавата на некои проблеми во христијанската заедница кои ја сочинувале Евреи и Грци односно оние кои не се Евреи, кои биле поинакви, но биле прифатени.

Така се родил плевелот на мрморењето и озборувањето – рече Светиот Отец и истакна: Грците мрмореле заради невниманието на заедницата кон нивните вдовици. Па, апостолите се состанале и заедно барале решение и одлучиле да ги поделат задачите на навестувањето на Евангелието и делата на милосрдието. Сѐ повеќе се свесни дека нивниот главен повик е молитвата и проповедањето на Божјото Слово. Затоа тоа прашање го решиле основајќи јадро од седум угледни луѓе полни со Светиот Дух и мудрост кои откако на нив ќе ги положат рацете ќе се грижат за послужувањето на трпезата.

Ѓаконите се создадени за тоа, за служење – рече папата Фрањо и напомена: Ѓаконот во црквата не е свештеник од втор ред. Се работи за друга работа. Ѓаконот не е за олтарот, туку за служењето. Тој е чувар на служењето во Црквата. Кога на ѓаконот премногу му се допаѓа да оди на олтарот, греши. Тоа не е неговиот пат. Меѓу тие седум ѓакони е и Стефан против кој се покажува најсуров отпор. Против него непријателите го избрале најбедното решение за уништувањето на човекот, а тоа е клеветата и лажното сведоштво. Знаеме дека клеветата секогаш убива.

Тоа ѓаволско зло кое се раѓа од желбата да се уништи угледот на еден човек, го напаѓа и остатокот на црковното тело и му нанесува голема штета кога заради бедните интереси или за да ги покрие сопствените недостатоци, се здружува за некого да сруши – рече Папата и истакна: Стефан го обвиниле лажни сведоци и она што го рекол пред синедрионот за светата историја фокусирана на Христос, за Исусовата мака, смрт и воскресение како клуч за цела историја на спасението и неговата храбра осуда на лицемерието со кое постапувале кон пророците и со самиот Христос предизвикале насилна реакција која завршила со каменување.

Меѓутоа Стефан покажува вистински карактеристики на Христов ученик – рече Светиот Отец и истакна: Не бара изговори, не вика луѓе кои би можеле да се спасат, туку го става својот живот во рацете Господови и во тој момент неговата молитва е прекрасна: Господи, Исусе прими го мојот дух! (Дела 7,59). Стефан умира како Божјиот Син, простувајќи: Господи не земај им го ова за грев (Дела 7,60). Самото со препуштањето на сопствениот живот во рацете на Отецот и со простувањето на оние кои нѐ навредуваат се покажува нашиот идентитет на Божји деца.

Како што Стефан тоа го покажува, тоа го покажуваат и многу маченици со кои Црквата денес изобилува, повеќе од почетокот на Црквата. Мачениците не се вештачки светци, туку мажи и жени од крв и место како што вели Книгата Откровение, „тие се што дојдоа од големи маки; тие ги испраа облеките свои и ги избелија со крвта на Агнецот“ (Откровение 7,14). Тие се вистинските победници. Гледајќи ги мачениците вчера и денес учиме да живееме живот во полнота, прифаќајќи го мачеништвото на секојдневната верност на Евангелието и сообличувањето со Христос – заврши папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот