Кардинал Сандри во посета на Романија

Кардинал Сандри во посета на Романија

Префектот на Конгрегацијата за Источни цркви, кардинал Леонардо Сандри од 28 септември до 1 октомври 2017 се наоѓа во посета на Романија. Посетата е организирана од Апостолската нунцијатура во Романија и врховниот архиепископ на Фагараш и Алба Јулија кардинал Лусијан Мурешан, а по повод 100 годишнината од основањето на Конгрегацијата за Источни цркви, стои во соопштението на ватиканската Конгрегација.

Првиот дел од посетата вклучува посета на латинска епархија и средби со хуманитарни и добротворни организации во градот Јаш. Кардиналот Сандри ќе ја освети новата црква и новиот олтар во оваа бискупија. На 29 септември, во Букурешт, кардиналот ќе се сретне со православниот патријарх Даниел, со претседателскиот советник Серџу Нистор и некои амбасадори, а вечерта ќе служи Литургија во латинската катедрала Свети Јосиф.

На 30 септември посетата на кардиналот Сандри ќе продолжи во Блаж, духовната престолнина на Источно католичката црква во Романија и седиште на врховниот архиепископ. Предвидени се средби со Неговото Блаженство кардиналот Мурешан, Синодот на Источната католичка црква, посета на „кампусот на слободата” и свечена прослава по повод 100 години од основањето на Конгрегацијата за Источни цркви и односите со Источната католичка црква во Романија.

На 1 октомври префектот на Конгрегацијата за Источните цркви ќе служи Божествена понтификална литургија во Источно католичката катедрала во сослужение со кардинал Мурешан. На крајот од неговата посета, кардиналот Сандри ќе ја освети новата црква во ромската населба во градот Блаж.

„На сите, пастири и верници, државни органи и целиот романски народ – стои во соопштението – кардиналот ќе ја пренесе братската прегратка на папата Фрањо и неговиот апостолски благослов како знак на близина и надеж во Господа, со посебна желба за продолжување на екуменскиот дијалог.”

РВ/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот