Кардинал Пиетро Паролин: Вистинското место на заедништво за христијаните мора да биде олтарот
Државниот секретар кардинал Пиетро Паролин на 20 февруари 2022 година служеше света Литургија во катедралата Успение на Пресвета Богородица во Орија, Бриндизи, која повторно беше отворена по три години обнова.
Катедралата во Орија е една од најпознатите архитектонски убавини на Саленто, а по три години реновирање повторно блесна во својот вистински сјај. Кардиналот Пиетро Паролин служеше света Литургија по обновата на црквата посветена на Успение на Пресвета Богородица, изградена во средината на 18 век.
Во својата проповед, државниот секретар ги пренесе поздравите на папата Фрањо и ги потсети присутните за улогата на катедралата, вклучително и локалниот бискуп Винченцо Пизанела, кој сослужуваше со кардиналот. Црквата во која се наоѓа епископското седиште е место каде се нуди науката за авторитетот на заедницата. Но, како што рече, би згрешиле ако мислиме дека епископското учење пред сѐ е список на правила. Неговото учење е сведоштво за средби и искуства од животот, а не доктринарен систем, нагласи кардиналот. Ѕидовите на градбата се пак знак дека различни луѓе, кои доаѓаат од различни места и искуства, стануваат еден народ, соединети со Словото на милосрдието и со епископот.
Сепак, оваа реалност не секогаш се одржува во однесувањето на луѓето, не ретко луѓето се привлечени од други „литургии“. Веќе некое време, истакна државниот секретар, современото општество слави многу обреди во различни средини, како оние во трговските центри, кои изгледа дека станаа колонизирачка вредност на нашето време. Во неделата пред пандемијата, стадионите беа повеќе посетени од црквите и станаа место на свети ритуали кои треба строго да се почитуваат. Но, вистинското место кое создава заедница за нас христијаните е секогаш и мора секогаш да остане олтарот на кој се обновува радоста на средбата со Христос. Ништо не може да го укине тоа, рече на крајот од проповедта кардинал Паролин.
Ватикан њуз/к.мк