Државниот секретар кардинал Паролин говореше на конференцијата за разоружување, одржана во Асизи која ја поттикна Одборот за цивилизација на љубовта. Предизвик е, истакна кардиналот, да се усвојат далекувидни стратегии со цел постигнување на општото добро и надминување на логиката на одвраќање. Повторно ја поттикна идејата на Папата за претворање на средствата за оружје во фонд за сузбивање на сиромаштвотото и поттикнување на развојот.
Пандемијата ни дава скапоцена лекција, односно потребно е повторно да го разгледаме нашиот поим за безбедност, кој не може да се заснова на заканите на меѓусебно уништување и страв, туку треба да ги пронајде своите темели во праведноста, во целосниот човеков развој, во почитувањето на човековите права, во грижата за целото создание, во промовирањето на воспитните и здравствените структури, во дијалогот и солидарноста – рече Папскиот државен секретар кардиналот Пиетро Паролин, отворајќи ја преку видео порака конференцијата насловена „Претворба на нуклеарното оружје? Треба!“ во организација на Одборот за цивилизација на љубовта, а која се одржа на 17 ноември во Канцеларијата за печат на Светиот Манастир во Асизи.
На конференцијата се собраа претставници на различни реалности кои се ангажираат во промовирањето на разоружувањето, укинувањето на нуклеарниот арсенал и нивна претворање во мировна иницијатива. Кардиналот ги пофали нивните напори кои се во согласност со ставовите на Светиот Престол за меѓународната заедница заснована на развојот и зајакнувањето на реалната и трајна доверба меѓу земјите. Во барањето на општото добро затоа итно е потребно да се усвојат далековидни стратегии – објасни кардиналот Паролин.
Крајната цел на целосната елиминација на нуклеарното оружје е истовремено предизвик и морален и хуманитарен императив – истакна државниот секретар и додаде дека конкретниот пристап би требало да го промовира размислувањето за етиката на мирот и мултилатералната и кооперативна безбедност која го надминува стравот и изолационизмот кој исполнува голем број актуелни расправи. Во таа смисла се и двата моменти следните месеци кога меѓународната заедница ќе има можност да ги разгледува тие теми.
Имено, во јануари ќе се одржи десетата ревизиска конференција на Договорот за неширење на нуклеарно оружје, а тоа – како што рече кардиналот – ќе биде клучен момент за меѓународната заедница и посебно за нуклеарните сили, јасно да ја покажат способноста за сфаќање на денешните предизвици, за соочувањето со нив и за нивното решавање. Во март пак ќе биде првата средба на потписниците на неодамнешниот Договор за забрани на нуклеарното оружје, на кој не се придружија нуклеарните сили и државите кои се со нив во воен сојуз (освен Холандија), а кој стапи на сила во јануари ова година. (…)
Државниот секретар на крајот потсети на зборовите на папата Фрањо по повод 54. Светски ден на мирот, 1 јануари ова година кои треба да се сметаат за водечки за следните чекори кон разоружувањето. Колку средства се расипуваат за оружје, посебно за нуклеарно оружје?, праша Папата. Одговорот е тие средства да се наменат за промовирање на мирот, развојот и здравјето, преку воспоставувањето на светскиот фонд за да може дефинитивно да се отстрани гладот и да се придонесе за развој на најсиромашните земји.
Ватикан њуз/к.мк