Интервју на надбискупот монс. Вукшиќ за Радио Марија

Интервју на надбискупот монс. Вукшиќ за Радио Марија

За време на пасторалната посета на Македонија на надбискупот и митрополит Врхбосански и Апостолски управител на Воениот ординариј, монс. Томо Вукшиќ во недела 20 ноември 2022 година во придружба на неговиот домаќин Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. Киро Стојанов, го посетија студиото на Радио Марија во Струмица и во таа прилика директорот на Радио Марија о. Гоце Костов разговораше со надбискупот за Црквата во Босна и Херцеговина, предизвиците, улогата и важноста на Воениот ординариј, поврзаноста и паралелите на Црквата во Македонија и Босна и Херцеговина, како и за впечатоците од средбите.

Слава на Исус Христос, ваше Преосвештенство монс Вукшиќ. Многу сме благодарни што најдовте време и покрај сите обврски кои ги имате за време на вашата пасторална посета на Црквата во Македонија. И во оваа прилика би сакал да ги запознаеме нашите слушатели/читатели најпрво со Црквата во Босна и Херцеговина и поконкретно вашата надбискупија?

Католичката црква во Босна и Херцеговина има неколку територијални бискупии и Воен одринаријат, кој е еден вид персонална бискупија. Територијални бискупии се Сараево, Бања Лука, Мостар и Требиње. Сараевската бискупија воедно е и надбискупија и митрополитско седиште. Сите тие бискупии имаат свој бискуп, освен Требиње со која управува бискупот од Мостар, како постојан Апостолски управител. Воената бискупија или Воениот ординаријат како што официјално се нарекува моментално нема сопствен бискуп, јас бев до од прилика две години, а потоа папата Фрањо ме премести најпрво за коадјутор во Сараевската надбискупија, а на крајот од јануари оваа година како надбискуп ја презедов Сараевската надбискупија, а со Воениот ординаријат управувам како Апостолски управител. Значи тоа е составот на Црквата во Босна и Херцеговина, која секако има и своја Бискупска конференција, која ја сочинуваат бискупите кои се на чело на овие бискупии, вклучувајќи го секако и Воениот ординаријат.

Во Босна и Херцеговина имаме бискуписки свештеници и свештеномонаси, од кои најголем број се оците Фрањевци, всушност сите други се малку по број. Имаме двајца свештеници Доминиканци, неколкумина оци Кармелитјани во еден манастир, Исусовци кои во овој момент се тројца. Оците Фрањевци членови на провинцијата се околу 250, а имаме и уште една фрањевска провинција со седиште во Мостар која брои околу 200 члена, како и свештеници од бискупиите, така што на подрачјето на цела Босна и Херцеговина, има некаде преку 600 инкардинирани свештеници, кои припаѓаат на Црквата во Босна и Херцеговина.

Меѓутоа не живеат сите на подрачјето на Босна и Херцеговина, некои живеат и на други места, а до неодамна некои делуваа и овде во Македонија, оците Фрањевци традиционално делуваат на Косово, во Србија и на некои други подрачја, веќе во континуитет многу долго, ги има и во Албанија. Но многумина делуваат на Запад, каде што се грижат за иселените хрватски католици. Ние Хрватите во светот имаме 184 парохии, односно мисии како што се официјално се нарекуваат, за кои во овој момент се грижат 188 свештеници, а во нив има и пасторални соработници, ѓакони, чесни сестри… Значи тоа е Црквата во Босна и Херцеговина, а кога велиме стадо во странство, се подразбира дека тоа е заедно со Хрватската бискупска конференција. Нашите бискупски конференции имаат заеднички совет, а го нарекуваме Душогрижништво за Хрватите во странство и тој совет се грижи за сите иселени католици Хрвати, без разлика дали се од Босна и Херцеговина или од Хрватска. Тоа би било во кратко легитимација на Црквата во Босна и Херцеговина.

Со оглед на тоа дека голем број луѓето се иселуваат од нашите простори, претпоставувам дека нешто слично е и во Босна и Херцеговина. Па каква е ситуацијата со верниците католици во Босна и Херцеговина. Дали од тој бран на иселувања се погодени и вашите верници?

Во Босна и Херцеговина во последните 30 години има два вида иселувања. Едното беше она за време на војната, каде поради воените страдања, ситуацијата беше таква што многу луѓе или се протерани или заминале и многумина од нив за жал никогаш повеќе не се вратија. Така војната остави големи последици, посебно во некои подрачја во Босна, но исто така и во Источна Херцеговина.

Вториот бран е сличен на македонскиот, бугарскиот, српскиот, романскиот, можеби и некои други земји. Многу луѓе заминуваат поради економски причини, бараат подобар стандард, сигурна плата, сигурно работно место и во таа смила за нив Запад им е многу атрактивен. Па така многумина се иселуваат во Австрија, Швајцарија, Германија, па дури и САД, Австралија. Тоа се некако прималиви адреси за многумина кои заминуваат и тој феномен навистина ја погодува и Босна и Херцеговина. И секако многу ни е жал поради тоа. Жал ни е што не постојат такви услови, веројатно како и тука во Македонија, луѓето да останат таму каде што се родени, каде што дојделе на овој свет и каде според некое природно право би морало да имаа услови: Но и оние кои ја водат власта треба да им обезбедат услови да имаат сигурно место, достоен живот, сигурна плата, стандард кој доликува на 21 век. И затоа што тоа често го нема луѓето заминуваат. Но понекогаш заминуваат и оние кои го имаат решено своето прашање од материјална природа и стандард и избираат да живеат некаде на други место и секако тоа треба да го почитуваме. Но многумина заминуваат затоа што немаат обезбедени услови за достоен живот.

Со кои предизвици се соочува Црквата во Босна и Херцеговина?

Еден од важните предизвици само што го спомнав. Заминувањето на луѓето, нивното иселување го погодоува целото општество. Морам да кажам дека од тоа се погодени и другите верски заедници, Православната црква, Исламската верска заедница и онаа група која не се препознава во ниту една верска заедница и Црква. И тоа навистина е еден голем предизвик. Последиците од тоа се видливото намалување на првопричесниците, крштенијата, миропомазнијата и обратно зголемен број на погреби. Оние кои умираат низ светот, сакаат да бидат пренесени од роднините во родниот крај, таму да бидат погребани. Така разликата помеѓу крстените и погребените е голема и за жал секоја година расте разликата во корист на погребенијата.

Дали може да ни кажете каква е врската помеѓу Црквата во Македонија и Црквата во Босна и Херцеговина?

Постојат многу историски врски. Ќе го спомнам само некогашниот Скопски бискуп Смиљан Чекада. Тој беше свештеник на Саревската надбискупија, а потоа една или две години беше и помошен бискуп Сараевски и како помошен бискуп од Сараево е испратен во Скопје. Тука беше за време на Втората светска војна, па сѐ до 1968/69 година, кога е преместен во Сараево, најпрво за коадјутор на тогашниот бискуп Марко Алауповиќ, а подоца го презема управувањето со надбискупијата.

Во последно време неколку свештеници од Саревската надбискупија делуваа во Скопје, Битола и можеби некои други места и тоа ми е многу мило. Покрај тоа постои и онаа врска што Скопската бискупија е суфрагана на Сараевската митрополија, како што се и Бања Лука, Мостар, Требиње. Скопската бискупија од 1969 година е суфрагана на Саревската митрополија, односно Врхбосанската митрополија. Јас сум тука во овие краишта како митрполит по покана на бискупот Киро, дојдов да ја посетам оваа суфрагана Црква. Како митрополит со моето доаѓање сакам да ја поддржам оваа Црква на Исток.

Дали може да повлечеме некои паралели меѓу Црквата во Македонија и Црквата во Босна и Херцеговина?

Мислам дека една препознатлива паралела е во тоа што и едниот и другиот дел на Католичката црква живее во општество и околности каде другите верски заедници се мнозински. Тука се Православната црква и Исламската верска заедница мнозинство во однос на католиците. Нешто слично е и во Босна и Херцеговина. Исламската верска заедница и Српската православна црква се мнозински во Босна. Ние католиците според последниот попис на населението сме 15 % од жителите во Босна и Херцеговина. И тоа е една заедничка и допирна точка.

Од друга страна мислам дека многу сме слични во промовирање на дијалогот. Католичката црква општо зборувајќи, а посебно во вакви сложени општества, како што е Босна и Херцеговина и како што е Македонија, иако можеби е помалку сложена за разлика од Босна и Херцеговина, но сепак општествата се сложени, повикани сме и пратени да сведочиме на христијански начин, а дијалогот, средбите, пријателствата или како што пишува папата Фрањо Fratelli tutti е едно од основните посланија на христијанството.

При посетата на Македонија служевте Света Литургија во Струмица и Скопје. Имавте можност да се запознаете со свештенството, монашките заедници и верниците. Какви се вашите впечатоци за Црквата во Македонија?

Како бискуп повеќе пати сум бил во Македонија. Сум бил во Македонија и како воен бискуп по покана на бискупот Киро, сум служел свети Литургии во Скопје и други места. Овој пат сум тука како митрополит, така што католичкиот клер го познавам секако не на начин како што го познава бискупот Киро или како што вие се познавате меѓу себе. Но лицата ми се во сеќавање, па и голем број имиња. Секако немам таква можност да ги запознаам верниците, некои од нив ги познавам лично, но тие се многу мал број.

Но ми беше многу мило да видам во катедралата во Струмица многу живо учество на верниците во Литургијата. Во Литургијата од источен обред верниците често премалку учествуваат. Денес видов дека учествуваат живо и тоа многу ме израдува. Мислам дека тоа, барем на моето досегашно искуство од присуството на светите Литургии од источен обред видов мила разлика.

Надбискупе може ли да ни кажете нешто повеќе за вашите средби овде во Македонија за време на вашата пасторална посета.

Главна причина за мојата посета се овие две католички бискупии, Струмица и Скопје, односно свештениците и верниците во овие бискупии и се радувам на тоа. Но исто така бев кај Реисот со него разговарав и мило ми е што со него се сретнав и запознав. Тема на нашиот разговор беше меѓурелигискиот дијалог и потребата од средби, ширење пријателство и братство меѓу луѓето. Разговорот беше многу пријатен и се продолжи на повеќе од еден час и мило ми е што беше така.

Се сретнав и со амбасадорката на Република Хрватска во Македонија. Се заблагодарив за помошта која ја даваат, како таа лично, така и амбасадата, но посебно на Владата на Република Хрватска, за она што го прави преку своите институции и им помага на католиците во Македонија и секако препорачав така да продолжат и понатаму, па и да ја зајакнат поддршката ако е тоа возможно.

Ќе се сретнам и со архиепископот Стефан и секако повторно ќе ми биде мило со него да поразговараме. Во една прилика веќе го имам запознаено, бев негов гостин кога минатиот пат бев тука. Тоа ќе го повториме, тоа едноставно е наша христијанска должност.

Ќе имам можност да го посетам Каритас, а ќе го посетам и претседателот на државата, а по разговорот со него се враќам назад дома.

Покрај тоа што сте надбискуп Врхбосански вие сте и Воен ординариј во Босна и Херцеговина. Со оглед на тоа што во Македонија нема воен одринариј и воени капелани, можете ли да ни кажете нешто повеќе за оваа служба и важноста на воениот ординариј?

Воените бискупи во светот се грижат за католичките верници кои служат во вооружените сили на државата на чие подрачје се тие бискупи именувани и тие се редовно на чело на воениот ординаријат. Подрачјето на воениот ординаријат обично го опфаќа целото подрачје на некоја држава. Со оглед на тоа дека териториите на државите се различни со тоа и териториите на воените бискупи се различни. Можете да си замислите да кажеме воениот бискуп на Бразил во однос на мене воениот бискуп во Босна и Херцеговина или воениот бискуп на САД во однос на воениот бискуп да кажеме на Хрватска. Разликите се големи, но работата е иста, посланието и навестувањето на Евангелието, сведочењето е исто. Посредување на Божјите милости на оние кои се припадници на вооружените сили.

Покрај воените бискупи, служат и свештеници кои со црковен речник службно се нарекуваат воени капелани. Тие всушност, како и воениот бискуп, како што кажав пред малку се некој вид персонални бискупи и пароси. Тоа понекогаш може да се спореди со обредна бискупија, да кажеме Струмичка епархија, но е и персонална во таа смисла што луѓето следат одреден обред и припаѓаат на таа епархија. Критериумот е обредот, но не е исклучен и овој персоналниот. Значи воениот бискуп, кога се однесува на она персоналното во смисла на оној кој носи воена униформа припаѓа на воениот ординариј. Со тоа што кога еден католички верник ќе стане војник, со тоа станува и верник на воениот ординаријат, но не престанува да биде верник на својата парохија од која потекнува и бискупијата од каде доаѓа. Треба многу разборитост, трпение при организирањето на пасторалот на тие луѓе. Воениот бискуп и територијалниот бискуп, како и воените капелани и другите пароси треба да се договараат.  А верникот кој е член или дел од вооружените сили, е во прв план на воениот ординариј. Тој може да бира дали сака да прима сакраменти или како велите во Македонија Свети Тајни од својот воен капелан или од својот парох на чие подрачје живее и работи.

Така тоа е интересно и нешто друго, малку необично во однос на останатиот дел на Црквата кога зборуваме за она што се вели пасторално овластување или јуриздикција. Овластувањето на воениот бискуп ги следи неговите верници каде и да се во светот. Кога тие ќе дојдат на некоја територија која е надвор од државата се подложни на својот воен бискуп од каде доаѓаат. Според тоа да претпоставиме сега само хипотетички, ако група војници католици од Босна и Херцеговина замине во Авганистан, Мали, јас како воен бискуп имам овластување каде и да одат. За разлика од другите бискупии, кога верници да кажеме од Скопје, Загреб или некое друго место се преселат во Австрија, во оној час кога ќе ја преминат границата на својата бискупија нивниот матичен бискуп над нив нема овластување, исто кога верниците одат од една во друга парохија, автоматски нивен парох е веќе таму каде што преминале без разлика дали емотивно тоа го прифаќаат или не. Кога е во прашање воениот бискуп, на пример јас во Сараево имам редовно капелани на странски војски кои доаѓаат од Австрија, понекогаш од Словачка и од други места. Тие доаѓаат да се поздравиме, како што јас сега дојдов да ве поздравам или вие мене, но нивен поглавар е земјата од каде што доаѓаат, без разлика што тие живеат и пасторално работат во Сараево. Ете тоа е една мала необичност, а која е вообичаена во оваа служба.

За крај би сакал да ве замолам за една кратка порака до читателите на Католици.мк.

Мојата порака во вакви ситуации е иста, нешто слично што кажав на крајот од мојата проповед. Треба да бидеме свесни за своето потекло, а Македонија има долго и длабоко потекло, кое без претерување е апостолско, односно овој дел од Црквата Божја своите корени ги има во апостолските времиња. Вие кои живеете тука сте наследници и потомци и бидете горди што тоа е така. И со таа гордост понизно работете и сведочите за Бога во Македонија.

Надбискупе Ви благодариме за овој убав разговор и Ве очекуваме повторно во некоја друга прилика.

Благодарам многу. Имам обичај кога ќе ми кажат се гледаме повторно да одговорам сигурно се гледаме, ако не порано, тогаш сигурно во чистилиштето.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот