Задушница: Саканите не умираат
Повторно и одново: Сите Светци, Задушница, спомен на покојните. Преполни гробишта со живи. Есента растури насекаде лисја. Лист до лист, гроб до гроб. Есен и смрт, смрт и есен. Култ за покојните пропишуваат сите религии во светот, не само христијанската, но и обврска во животот да бидеме едни на други радост.
Што се случува секоја година околу тие два празника? Дали тоа е спомен на покојните или задоцнета љубов од живите?
Многу носат цвеќе и палат свеќи на саканите за живот и после смртта, а некои себе си да се оправдат сега кога сè е доцна, за да си ја смират совеста.
Трагично звучи, не дај Боже да е вистина, една германска поговорка: „За живот не му дадоа даска, а кога умре му подарија ковчег.“ Колку искрени солзи, сеќавања и тага, а понекогаш обичаи: така за да видат сите. Со денови се уредуваат гробовите. Гробовите стануваат место на средба.
Овие денови најмногу ќе заработат продавачите на цвеќе и свеќи, а мртвите најмалку.
Што за мртвите значи цветот, запалената свеќа, ако биле занемарени додека боледувале, старееле или биле несакани, заборавени и отпишани? Зошто сум саркастичен? Мислете дека сум против вниманието кое им го искажуваме на покојните? Не сум! Тоа е убаво, а тоа претходно е поважно и попотребно.
Се осудувам да го кажам и ова, дури на некои тоа и нема да и се допадне: кога само дел од вниманието, дел од парите, дел од љубовта кои овие денови се растура, се поклони на живите наместо на мртвите, строста би била полесна, болеста ќе се носи, взаемната близина на животите. Инаку, ова е уште една лакрдија која само човекот може да ја измисли. Што вреди животот ако не е бесмртен? Ако трае само помеѓу првиот и последниот здив, нели е тоа прекратко време за сè што сме и за сè што сакаме?
Во Литургијата искажуваме љубов на покојните, повикувајќи го Исус Господарот на животот и смртта, молејќи за нивната бесмртна душа. Тука единствено е можно средба на пријателите и роднините на покојниот „со оние на другиот брег.“
Какви сè драми не се одвиваат околу болниот.
Понекогаш тагуваат и кукаат сметајќи колку чини болниот во семејството.
Треба да се потроши за болница, лекови, посети, дарови и хигиена. Малку се кои со радост ја прифаќаат немоќта на болниот заборавајќи притоа дека и самите ќе бидеме распнати на четириаголен кревет како на крст. За жал!
Сум бил во домови на покојните и не само еднаш, каде што со несокриена насмевка велат: „Умре, слегна од крстот“ како да сака да каже: и нејзините и нашите маки поминаа.
Има и такви кои туѓата болест им е можност да покажат колку се големи во верата, љубовта, добрината.
На болните им донесувам вечност со Христос, а ја заобиколуваат и роднините и пријателите. Велат: „Немаме што да им кажеме? За што би можеле да разговараме?“
Се прашувам што е со верата, што е со Исус и бесмртноста за која зборува, што е со повторната средба со оние кои „заминале од овој свет обележани со знакот на верата“? Нели е тоа вистинска тема за разговор. На средбата со оние кои умираат, во надежта на воскрението или безнадежност, нашата вера стои или паѓа.
Одамна запишал апостолот Павле: „Ако само во овој живот се надеваме во Христа, тогаш сме ние најбедни од сите луѓе… но, ете Христос воскресна!“ (1Кор 15, 19) Верникот треба да знае дека со смртта ќе ги изгуби саканите личности, но ќе добие застапници и луѓе кои ќе молат кај Бог.
Исус кажа: „Јас сум воскресение и живот. Кој верува во Мене и да умре пак ќе живее.“ Не смееме да тагуваме како оние кои немаат надеж. Така вели верата на Црквата.
Што пишуваат некои христијани на спомениците, гласно очајуваат? Свртете се околу себе, прочитајте ги натисите: „Замина засекогаш“, „Никогаш повеќе“, „Те изгубивме засекогаш“. Никаде не сум прочитал: „Се гледаме во вечноста“
Ако е така, зошто крстот е вдлабнат на споменикот? Едното со другото не оди.
Вистина, ние христијаните не знаеме како ќе биде тоа, веруваме дека далечниот „друг брег“ стана близу преку Исус. Он е „мост и пат“ за вечноста. На нас ни останува верата и довербата во Неговото моќно Слово. Нема одговор на сите прашања.
Секоја граница е нов почеток. Додека е во нас надежта дека животот има смисла бидејќи „ниту капката вода не се губи, а зошто би се изгубил човекот?
Наместо да пишувам за мртвите, пишувам на живите, на покојните и онака им е сеедно. Тие не ги слушат нашите чекори, а можеби ги очекувале за време на животот, нема да ги видат запалените свеќи и букетите. Тоа им требало додека биле живи.
Па, на кој палиш свеќа и го украсуваш гробот? На нив или за себе? Животот е краток и променлив. Биди човек за оние кои им требаш во животот! Одвои од своето време за странците, болните, пријателите во неволја на кои не им е до овошјето, туку до тебе.
На Сите Светци и на Задушница донеси мал цвет, запали свеќа помоли се и кажи: „До повторната средба во небото.“
Што е со Литургија по погребот? Гледам и знам за жал, доаѓаат само роднини и некои пријатели. Премногу малку. Зошто? Сигурно затоа што за некои со смртта е сè готово. Често љубовта кон покојните им згаснува кога и свеќата која ја запалиле и сеќавањето овенува со цвеќето.
А што е логично од ова: „На крајот на ноќта – зора, на крајот на очајот – надеж, на крајот на патот – цел, на крајот на смртта – живот.“
На приговор дека после смртта нема ништо, еден свет човек одговорил: „Цел живот го живеев во надеж, а тоа е далеку подобро отколку безнадежност!“
Можеш ли за себе да кажеш: моите сакани се во мене и за време на животот, а ќе бидат и по смртта?
Славко Врањковиќ/Вера и дела/Д.И.