За слобода ослободени – 1700 години Милански Едикт

 „За слобода ослободени“ беше мотото на прославата по повод годишнината од донесувањето на Миланскиот Едиикт што се одржа во Ниш 20 и 21 септемри.

Миланскиот едикт е еден од најзначајните документи за христијанството со кој царот Константин во 313 год. службено го прогласил крајот на прогонствата на христијаните во Римското Царство, додека самото царство зазело неутрален став во однос на религиите.

 Ова регионално поклонение започна на 20 септември со средба на младите верници во Алексинац (Србија), меѓу кои беа присутни и претставници на млади католици од Македонија. Тие имаа можност да учествуваат во повеќе работилници на различни теми поврзани со предизвиците со кои се соочуваат денес младите христијани: медиуми, волонтирање, екуменизам, Библија итн. На крајот на овие работилници учесниците имаа можност да креираат свој „едикт“ со кој тие денес би ги ослободиле христијаните од сите окови и ропства.

 Програмата за млади продолжи во Ниш, каде што се одржа вечерна молитва која ја предводеше миланскиот кардинал Анџело Скола, специјален пратеник на папата Фрањо, а на која присуствуваа епископи и архиепископи од целиот регион меѓи кои беше и Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р. Киро Стојанов. Потоа во текот на целата ноќ се одвиваше обожавање на светиот Крст, анимирано токму од младите.

 Во саботата на 21 септември програмата започна со побожноста на Крстниот пат низ улиците на градот Ниш. Со молитва и песна, носејќи го јубилејниот Крст, младите процесијата ја започнаа од црквата Вознесение на Светиот Крст, а ја завршија на стадионот „Чаир“ по што започна свечената Света Литургија.

 Светата Литургија беше предводена од кардинал Скола, кој ги пренесе поздравите на папата Фрањо и ги благослови сите учесници на ова поклонение. Беа присутни бројни верници од Македонија, Србија,  Косово, Хрватска, Бугарија и Словенија, а присутни беа и претставници на највисокиот политички врв на Република Србија.

 „Секоја вера на верниците е израз на тежнеењето за Бога, извор на единство меѓу луѓето, а не извор на недоразбирања, ниту поделби. Само кога ќе загосподари идеологијата, само кога ќе се напушти приматот на Бога, тогаш луѓето прогресивно се раздвојуваат. Годишнината на „Миланскиот едикт“ ни порачува на сите нас дека верската слобода е гаранција за мир и за нова цивилизација во секое плурално општество.“ изјави кардиналот Анџело Скола.

 Е.Абјаниќ

Категорија: Свет

За авторот