За Велигденскиот пост
Велигденски пост, односно Велики пост е период од четириесет подготвителни денови за Страсната седмица и Велигден.
Постот е оружје во духовната борба против лукавиот и неговите ангели (Матеј 17, 21; Ефес, 6, 12). Воедно претставува неопходно средство за стремеж на човекот кон духовно совршенство, ни дава сила во духовната немоќ и помош при нашето напредување на нашиот христијански пат, односно постигнување на светост и спасение во Господа.
Во Стариот Завет имаме многу примери за постот: светиот пророк Мојсеј постел 40 дена и 40 ноќи (2 Мојсеева 34, 28), како подготовка пред да ги прими Десетте Божји заповеди. Светиот пророк Илија со строг пост, духовна чистота и голема ревност за Господа се удостои да ја види Божјата слава (3 Царства 16, 4-13). А, пак, свети Иван Крстител е познат како најголем и најстрог испосник.
Самиот Господ Исус Христос се подготвувал со четириесетдневен пост за исполнување на волјата на Отецот, служење и откупување на светот (Матеј 4, 2). Во проповедта на гората Тој нѐ упатува каков треба да биде постот кој му е угоден на Бога: „Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата мрачни, за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам, оти тие ја добиле веќе својата награда. А ти, кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно“ (Матеј 6, 16-18).
Првите христијани постеле строго, често за да се подготват подобро да ја вршат волјата Божја. Во првите векови христијаните постеле не во определено време, туку кога сакале и колку сакале.
Најстаро сведоштво за овој пост потекнува од крајот на II век. Свети Иренеј Лионски (202) во писмото до папата Виктор (189-198) по повод споровите за терминот на празнување на Пасхата, го спомнува Пасхалниот пост, кој траел пократко од денешниот, односно три дена, а бил прифатен во целата Црква. Понатамошни податоци за овој пост ни дава Тертулијан (220) според праксата на Римската и Африканската Црква. Тој спомнува „Пасхален пост во спомен на страдањата Христови“. Според некои сириски податоци од крајот на III век Пасхалниот пост траел една седмица, а сведоштво за Пасхалниот пост од четириесет дена ни дава Евсевиј Кесариски (340), како и од Пасхалните посланија на свети Атанасиј Велики (373). Денешниот облик на Великиот пост е развиен во V век.
Често пати постот се сфаќа само надворешно, телесно со откажување на одредена храна. Тоа е добро, потребно и корисно. Сепак тоа е погрешно сфаќање на постот, кој не е умртвување на телото, туку на гревот во нас, бидејќи како што вели свети Павле гревот раѓа смрт. Телесниот пост е потребен, бидејќи со него се скротуваат желбите на телото, а тоа воедно придонесува и за внатрешниот, односно духовниот пост.
Затоа посебно во време на постот христијанинот треба најпрво да се откаже од гревот, од световни работи, веселби и задоволства и од сѐ она што може да го искушува со зборови, дела или мисли. Затоа не залудно Црквата на Сирпоусна недела преку посланието на свети Павле до Римјаните нѐ советува: Да одиме чесно како дење – не во срамни гоштавки и пијанство, не во блуд и нечистотија, ниту, пак, во препирка и завист; туку облечете се во Господа нашиот Исуса Христа, и грижата за телото не претворувајте ја во похоти (Римјаните 13,4).
Христијанскиот пост треба да содржи три основни работи, без кои станува безвреден, а тоа се: молитва, простување и милостина.
Евангелието ни зборува дека ѓаволот се истерува не само со пост, туку со „молитва и пост“ (Матеј 17,21) .Во постот треба колку е можно повеќе време да посветиме на Бог и на молитвата, да навлеземе во суштината на нашето грешно битие и да препознаеме дека за спасението имаме потреба од Бог. Но исто така и да се храниме со останатите духовни дарови на Црквата, посебно светата Причест. Без да се оди на неделна света Литругија, постот го губи значењето и силата поради кој се прави. Црквата во времето на Великиот пост ни го нуди и Крстниот пат, прекрасна побожност во која низ 14 постојки си спомнуваме на Страдањата Христови, од судницата кај Пилат до Неговото положувањето во гроб.
Молитвата пак треба да биде соединета со делата на милосрдието. Милосрдието не значи да се дарува само материјални или финансиски средства, туку многу повеќе, и своето време и не само тоа што имаме, туку и тоа што сме, самите себе да се даруваме за потребите на ближниот. Папата Фрањо во поглед на милосрдието ќе рече: За да станеме следбеници Христови (сп. 1Кор 11,1) пред сиромавиот или болниот не смееме да имаме страв да го погледнеме во очи и да му се приближиме со нежност и љубезност и да го допреме и прегрнеме (…).Кога помагате на други ги гледате ли во очи? Ги примате ли без страв од допир? Ги примате ли со нежност? Размислете за ова: им помагате ли оддалеку или нежно и одблизу? (Ангел Господов, 15 февруари 2015)
И трета важна работа за христијанскиот пост е простувањето. Затоа на Сиропосна пред самиот почеток на Великиот пост во Црквата има обред простување. Но тоа не треба да се сведи само на формални гестови, односно на традиција и адет, туку треба да биде вистинско барање и настојување на простување. А простувањето е потполно ако и самите се помириме најпрво со своите блиски, а потоа и со Господ во светата тајна Исповед. Во поглед на ова Исус ни напоменува: И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот (Матеј 5,23-24)
к.мк/ о. Гоце Костов