Атентат врз папата Иван Павле II: Сеќавање на тој кобен 13 мај 1981 година

Атентат врз папата Иван Павле II: Сеќавање на тој кобен 13 мај 1981 година

Пред 40 години се случи шокантниот обид за атентат врз животот на Иван Павле II на плоштадот Свети Петар. Тоа е ден кој влезе во нашeто колективно сеќавање кога љубовта и молитвата ја победија омразата.

Алесандро Џизоти

Постојат датуми кои нѐ потсетуваат не само на работи, кои ги читаме во историските книги, туку и на историјата која сме ја доживеале. Овие моќни настани се неизбришливо испишани на страниците на нашите сопствени животи. Впечатокот што го оставаат овие настани е толку силен што дури и многу години подоцна можеме совршено да се сетиме каде сме биле и што сме правеле кога до нас стигнала веста за тоа случување.

13 мај 1981 година, несомнено е еден од овие датуми. Тој ден, настан кој се сметал за невозможен и незамислив, влезе во реалност: атентатот врз Папата на плоштадот Свети Петар. Четириесет години подоцна, сè уште предизвикува морници кога се сеќаваме на тој драматичен редослед на настани, звуците и криковите што се слушаа во тоа пролетно попладне. Беше 17 часот и 19 минути кога Иван Павле II, за време на неговата вообичаена прошетка меѓу верниците присутни на Генералната аудиенција во среда, зеде едно девојче во неговите раце и потоа го однесе пред нејзините родители. Неколку моменти подоцна се слушна заглушувачки звук на истрел, а потоа и друг. Папата, застрелан во стомакот, се струпули во отвореното возило со кое се возеше околу плоштадот. Нервозни моменти. Луѓето беа зачудени. Најпрво, тие не разбраа и не можеа да поверуваат што се случило.

Многу од поклониците се расплакаа. Други клекнаа на молитва, некои ги користеа Бројаниците, кои ги донесоа за да ги благослови Папата. Некои се сетија дека токму на тој ден, 13 мај 64 години порано, Богородица им се објави на децата пастири во Фатима. Папата, познат по своето мото Totus tuus, Maria! во тој момент беше доверен од народот Божји во рацете на Пресвета Богородица. Иван Павле II подоцна ќе се довери дека своето преживување го препишува на интервенцијата на Блажената Мајка. Ако нечија рака сакаше да го убие, друга, помоќна рака го пренасочи куршумот, спасувајќи му го животот.

Многу брзо, на тоа попладне на 13 мај, молитвите зрачеа брзо во концентрични кругови од Ватикан и го опфатија целиот свет. Молитвата стана спонтан одговор на милиони луѓе веднаш штом дознаа дека Папата се бори помеѓу живот и смрт.

Во тие часови се молеше и отец Хорхе Марио Бергољо, С.J., идниот папа Фрањо. Во тоа време, тој бил ректор на Колегио Максимо де Сан Хозе во Сан Мигел, провинција Буенос Аирес. И тој беше потресен од она што се случи. Денес, папата Фрањо го сподели со нас своето сеќавање на тој 13 мај: Бил во Апостолската нунцијатура во Аргентина, каде пред ручек се сретнал со нунцијот, надбискупот Убалдо Калабреси и венецуелскиот свештеник, отец Угалде. Тогаш, секретарот на Нунцијатурата, монсињор Клаудио Марија Чели, му ја соопшти страшната вест.

Беше неверојатно што, и покрај моменталните емоциите, известувачот на Радио Ватикан, Бенедето Нардачи, беше во можност да известува во живо со непрекината јасност за време на неделната Генерална аудиенција во среда, кога беше принуден да известува за настан што никогаш не би се одлучил да известува.„За прв пат“, рекол Нардачи за време на неговиот пренос во живо на Радио Ватикан, „се зборува за тероризам, дури и во Ватикан. Зборуваме за тероризам на место од каде пораката за љубов отсекогаш била пренесувана, пораката за хармонија и пораката за мир“.

Молитвата на верниците ширум светот беше постојана и не попушти сè додека Иван Павле II не беше надвор од животна опасност. На некој начин, може да се каже дека молитвата го придружуваше и заштитуваше до крајот на неговиот земен живот, особено во време на страдање и болест, кулминирајќи за време на неговите последни денови, пролетта 2005 година.

Ослободената омраза предизвикана со тоа кривично дело беше силна, дури и апокалиптична од некои аспекти. Меѓутоа, уште посилна ќе биде силата на љубовта и милосрдието кои ќе го осветлат и водат на „мистериозен“ начин целиот земен живот и понтификат на Иван Павле II. Ова стана јасно четири дена подоцна, кога изненадувачки, за време на молитвата на Царице небесна од собата на болницата Џемели, каде беше хоспитализиран, папата Иван Павле II истакна дека му простува на атентаторот, нарекувајќи го „братот што ме погоди“. Всушност го нарече негов „брат”.

Тоа би било тоа вообичаено братство – нескршливо и покрај сè што може да се случи на земјата, бидејќи е запишано на Небото – кое ќе биде повторно протогонист на уште еден друг тешко заборавлив датум: 27 декември 1983 година. На тој ден, Иван Павле II го посети Али Агџа во затворот Ребибија во Рим. Посетата ја објави јавно. Како што забележал некој во тоа време, Папата сакал да му го спаси животот на оној што сакал да му го одземе. „Се сретнавме како луѓе и како браќа“, рече Папата по средбата, „бидејќи сите сме браќа и сите настани од нашите животи мора да го потврдат братството што произлегува од фактот дека Бог е наш Отец“.

Тоа е истото братство што денес папата Фрањо ни го покажуваа дека е единствениот пат за иднината на човештвото.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Колумни

За авторот