Евангелието на семејството е „срцето кое чука“ на Синодата

За време на осмото Генерално собрание на Синодата посветена на семејството, која е во тек во Ватикан, беа претставени излагањата на тринаесетте мали групи во однос на вториот дел од документот Instrumentum laboris.

„Срцето кое чука“ на целата Синода, така малите јазични групи го нарекоа вториот дел од Instrumentum laboris, во кој, како што објаснија, е собрано целото Евангелие на семејството и науката на Црква за бракот. Поради тоа, општо во сите излагања се истакнува дека тој документ е потребно подобро да се поврзе и да му се даде поголема јасност, преуредувајќи ги параграфите и правејќи го појасен, недвосмислен, рамномерен, привлечен и полн со надеж.

Повеќето групи, освен тоа, бараат во текстот да се внесат повеќе библиски делови за бракот и семејството, но тие делови да не бидат прикажани само како догматски наводи, туку како пример за Божјото Слово на живеење во историјата, како „компас“ за современиот човек.

Една важна точка, пак, се однесува на младите, бидејќи на повеќе страни е забележан нивниот плашлив и недоверлив пристап кон светата тајна женидба и обврската „засекогаш“. Станува збор за слоевито прашање кое заслужува темелно разгледување; треба да бидат проценети културните и економските услови кои влијаат на животот на денешните млади, се вели во излагањата.

Од тој поглед се препорачува светотаинскиот брак да се прикаже во неговата вистинска убавина, а не како некој апстрактен идеал кој тешко се постигнува. Неразрешливоста, впрочем, не е товар, туку Божји дар кој му дава на бракот да биде живеен како простор во кој се покажува Божјата милост во договор за љубов за цел живот.

Многу од излагањата се однесуваат на милосрдието, па истакната е поврзаноста на работите на Синодата со вонредниот Јубилеј на таа тема, кој го одреди папата Фрањо. Од една страна, значи, повторно се истакнува науката за бракот, а од друга страна се препорачува сочувствителен пасторал на „заразна блискост“ во однос на ранетите семејства, бидејќи Божјото милосрдие е за сите и засекогаш.

Посебни, предлози пак доаѓаат од поединечните излагања, како што е на пример, предлогот за воведување на размислувања за целибатот во завршниот документ, или, пак, да се прошири анализата за поврзаноста на семејството со евангелизацијата, поради тоа што родителите, често, се први катехисти на своите деца. Некои предлози,освен тоа, се однесуваат на поттикнување на Lectio divina, и на некои облици на побожност, како што е Светата Бројаница и неделната литургија, кои го зајакнуваат семејниот живот.

Потсетувајќи, пак, на неодамнешното Моту проприо на Папата, Mitis Iudex, за реформата на постапката за поништување на бракот, побарано е подобро да се објаснат причините за неразрешливост, гледајќи пореално на семејната реалност. Не е значи доволно само да се охрабрува семејството да остане заедно, туку треба да се протолкува и јасно да се образложи науката на Црквата на тоа подрачје.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот