Денешниот човек живее во илузија за сопствената слобода

Зборот „откупување“ ретко се користи, но се работи за основен поим. Со него се означува најрадикалното ослободување коe Бог може да го направи за нас, за целото човештво и создадениот свет – порача папата Фрањо во својата катехеза на јубилејната аудиенција на 10 септември 2016 година.

Зборот „откупување“ ретко се користи, но се работи за основен поим. Со него се означува најрадикалното ослободување кое Бог може да го направи за нас, за целото човештво и создадениот свет – порача папата Фрањо во својата катехеза на јубилејната аудиенција на 10 септември 2016 година која поаѓа од текстот во Првото Послание на свети апостол Петар (1Петар 1, 18-21) и зборува за Божјото милосрдие кое се остварува во откупувањето, во спасението преку крвта на неговиот Син Исус. Но изгледа дека денешниот човек – продолжува Папата – не сака да мисли дека е ослободен и спасен по пат на Божјата интервенција. Напротив денешниот човек живее во илузија за сопствената слобода која ја смета сила за постигнување на сè.

„Современиот човек мисли дека е слободен и дека смее да прави што сака, но тоа не е вистина. Колку само со измама луѓето се изиграни под изговорот на слободата; колку само нови видови на ропства се појавија во ова наше време и тоа во името на лажната слобода! Толку многу робови… И тие велат: „Јас тоа го правам затоа што сакам; јас земам дрога затоа што ми се допаѓа; јас тоа го правам затоа што сум слободен…“ Тие се робови и стануваат робови во име на слободата. (…) Потребен ни е Бог за да нè избави од сите облици на рамнодушност, себичност и самодоволност“, рече Светиот Отец.

Повикани сме на нов живот и Христос – станувајќи еден од нас – ни овозможи да станеме синови и ќерки Божји – рече Папата. И Исус Христос Јагнето Божјо без мана се жртвуваше за нас за да примиме простување, љубов и радост. Светиот Отец порача дека ќе има моменти во животот кога ќе бидеме искушувани и кога ќе трпиме, но тогаш сме повикани да го насочиме својот поглед кон Исус Распнатиот: Он е Тој Кој трпи за нас и со нас кој секогаш е со нас откривајќи ја така неизмерната Божја љубов кон нас.

„Колку страници од Светото Писмо сведочат за Божјата грижливост и љубов кон сите луѓе, а посебно кон малите, слабите како и оние кои општеството ги отфрлило. Колку повеќе сме во потреба толку кон нас е помилосрден. И бидејќи ги знае нашите слабости ни оди во пресрет со сочувство, милосрдие. Ги познава нашите гревови и ни простува; тој секогаш простува! Според тоа драги браќа и сестри да се отвориме за Господ за да ја примиме Неговата милост! Затоа што псалмистот вели: „Зашто милоста е во Господа и голем е откупот во Него.“ (129, 7), порача папата Фрањо на крајот од јубиелјната аудиенција.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот