Дебата помеѓу кардиналот Раваси и новинарот Скалфари

Во Рим, во рамките на иницијативата „Предворие на народите“, на 25 септември се одржа средба посветена на новинарите, во чие средиште беше разговорот помеѓу претседателот на Папскиот совет за култура кардиналот Џанфранко Раваси, и основачот на италијанскиот дневен весник „Ла Република“ Еугенио Скалфари.

Да потсетиме, „Предворие на народите“ е иницијатива која ја поттикна Бенедикт XVI, со цел промовирање на дијалогот помеѓу верниците и неверниците. Не сме тука едниот на другиот да го преобратиме, туку заедничко ни е уверението дека нашите различни ставови треба да бидат квасец за земјата која треба да се направи плодна – со тие зборови Еугенио Скалфари го заврши разговорот со кардиналот Раваси, со кој – како што рече – веќе долго има заеднички духовен и умствен простор. Основачот на спомнатиот италијански дневник го започна разговорот истакнувајќи дека е „заљубен“ во Исус токму од моментот кога, во младоста, одлучи да ја напушти верата. Присетувајќи се како одел на духовни вежби, тој интелектуалец, неверник, така го објасни својот интерес за дијалогот со католиците, а во Христовата смрт на крстот го гледа врвот на овоплотението и христијанската порака. Всушност во таа одлука љубовта спрема другите да ја стави пред самољубието, Скалфари ја пронаоѓа важната порака за општеството во кое – како што рече – стапката на самодоволноста стана патолошка. Кардиналот Раваси ја пофали интуицијата на Скалфари и одговори опишувајќи го Христовиот повик на крстот: – „Боже мој, зошто ме остави?“ – како Христов спасителен атеизам, меѓутоа теологијата го додава Воскресението, бидејќи Христос останува Син, иако не го слуша Отецот, па така во смртноста го полага семето на бесконечноста. Претседателот на Папскиот совет за култура, меѓу другото, зборуваше и за улогата на Црквата во комуникациската револуција на оваа дигитална ера. Притоа потсети дека Исус во евангелијата ни предлага метода, кога на составен начин користи кратко изразување, како „твит“, или пак телевизиско сценарио низ приказна. Ако денешниот пастир не го интересира комуникацијата, тој е надвор од својата служба – напомна кардиналот.

Потоа следеше расправа помеѓу директорите на главните италијански, лаички и католички, дневници, во кои се разменети мислења за етиката на комуникацијата како вистината, објективноста и одговорноста. Се говореше и за новото интересирање на масовните медиуми за Црквата, и тоа благодарејќи на понтигикатот на папата Фрањо. Милосрдието и понизноста, се изразителни особини кои ги освојуваат верниците и неверниците. А одбивањето на сензационализмот, враќањето на личноста во средиште, поддршката на дијалогот, а не на конфликтот, чесност во односот на читателите и уредништвото, се чини дека се златни правила според мислењето на учесниците на собирот. Наша задача е, како баратели на вистината, да бидеме во предворијата, на плоштадите, држејќи се далеку од моќта – истакна Езио Мауро, директор на дневникот „Ла Република“.

С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот