Да се запрашаме: Дали Бог е задоволен како ја поминав минатата година

Црквата нè потсетува дека сме поклоници. Таа самата е присутна во светот, а сепак е патник. Оди во пресрет на својот Господ патувајќи помеѓу прогоните и Божјата утеха.

Нашиот живот исто така е полн со неволји и Божји утехи. Го наследуваме животот во времето во кое сега се наоѓаме, го имаме и оној другиот од другата страна на времињата, во вечноста кон која се упатени нашите чекори. Секое време е важен дел на наследството добиено од Бог; тоа е одделеноста која нè дели од моментот кога ќе се појавиме пред Господ со полни или празни раце. Само сега, овде во овој живот можеме да го заслужиме другиот живот. Навистина, секој наш ден –време- кое Бог ни го дарува да го исполниме со љубов кон Него и ближните, добро завршена работа, остварување на добродетелите…, дела угодни на Бог. Сега е вистинско време за акумулирање на богатство што не пропаѓа. За секого од нас еве сега е времето милосно, еве сега е времето за спасение. Кога ова време ќе помине, друго нема да има.

Времето со кое секој од нас располага е кратко, но доволно за да Му ја искажеме на Бог својата љубов и да го довршиме делото кое ни го доверил. Заради тоа нè предупредува свети Павле: гледајте, колку внимателно треба да постапувате: не како неразумни, туку како мудри; ползувајте го времето. Доаѓа ноќ кога никој не може да работи.

Навистина кратко е времето во кое можеме да љубиме, да се даруваме и да се каеме. Би било неправедно да го изгубиме неодговорно, да го фрлиме преку прозор: не смееме да го расипиме овој момент во светот кој Бог ни го доверил на секој од нас.

Свети Павле гледајќи ја краткоста на нашето овоземско време и ништовноста која ја имат работите самите по себе вели: Поминува обликот на овој свет. Во споредба со животот кој нè чека, овој живот е само негова сенка.

Краткоста на времето забрзано нè повикува што е можно подобро да го употребиме, залагајќи се согласно волјата Божја. Денес во својата молитва да се запрашаме дали Бог е задоволен со начинот на кој сме ја преживеале годината која е зад нас? Дали добро е употребена или напротив била година на изгубени можности во работата, во апостолатот, во семејниот живот? Дали често го напуштавме крстот жалејќи се заради неволјите и ненадејните настани?

Секоја година која поминува е повик да го посветиме својот секојдневен живот, а истовремено е и предупредување дека сме малку поблиску до конечната средба со Бог.

Да не се умориме да правиме добро. Па, додека имаме време да правиме добро на сите.

Ова медитација е краток извадок од дневните медитации кои во целост се наоѓаат во книгата на Франциска Карвајала: Да разговараш со Бог. Поглавје I. (Пост –Божиќно-време –Богојавление)

Битно нет/к.мк/Д.И.

За авторот