Проповед на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов по повод Јубилејот 125 години од основањето на Сестрите Евхаристинки

Ваша Ексленција господин Нунциј, браќа свештеници, преподобни сестри, драги верници, браќа и сестри!

Причина на денешниот наш собир е извонредна. Кога славиме еден од датумите кои треба да се паметат, секогаш тоа е причина за радост и благодарност. Така денес во ова наше заедничко размислување сакам да бидам и радосен и благодарен. Зошто? Во Стариот Завет Бог го собираше својот народ да го води низ историјата, да го брани од непријателот, да го штити од секоја опасност и конечно со нив – својот народ – склопи Сојуз. Кога дошло исполнување на времето, како вели апостол Павле, го испрати својот Син. Тој е почеток на Новиот и вечен Сојуз кој го склопи не со жртвата на животните и земските плодви, туку со жртвата на сопственото тело и крв.

Низ целата историја на спасението Бог го собира својот народ. Имено, човекот е создаден како битие во заедница. Секоја личност е единствена и неповтролива. Во себе носи втисната слика Божја. Но, Бог во кого ние веруваме е Тројствен, Неговот име е Отец, Син и Свети Дух. Секоја личност, бидејќи во себе носи слика Божја, значи носи слика на Пресветото Тројство. Затоа секој човек и покрај тоа што е неповторлива, единствена личност сепак според својата придора е свртен кон заедницата. Кога Исус сакаше да го овековечи своето спасително дело, тогаш ја основа Црквата. Повика нов Божји народ. Тој Божји народ не е поврзан ниту со ист јазик, ниту со иста раса, ниту со ист простор, туку е поврзан и вграден во Исусовото Таинствено тело. Тоа значи: Црквата е Тело и тоа тело Исусово, а Глава е самиот Христос. Црквата, всушност, живее како жив организам, а не вешта организација. Живиот организам, се развива и донесува плодови на заедништво со силата на светите Тајни. Многу е опасно да се говори која света Тајна е поголема, но сигурно е дека централна Тајна, извор и врв на заедништвото на Црквата е Евхаристијата. Вториот ватикански собор тоа јасно го дефинира, а и двајцата големи папи: свети Иван Павле II и Бенедикт XVI во енцикликата за Евхаристијата дека таа – евхаристијата – е извор и врв на животот на Црквата. Во евхаристијата ни се воочува Исус во своето страдание, смрт и воскресение, што значи, во целиот дел на спасението. Тоа дело на спасението да живее до свршетокот на светот како знак на тоа пасхално таинство, Тој, Исус, ја воспостваи светата Тајна Евхаристија. Најнапред да се потсетиме: Евхаристијата е склучување на Новиот и вечниот Сојуз. Влегуваме во личен сојуз со Бога и како личности и како заедница. Тој сојуз има само една единствена нова заповед, а таа е: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако се љубите еден со дуг; како Јас што ве возљубив или љубете се еден со друг како што јас ве љубам (Иван 13,34-35) – никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели (Иван 14,13). Во Сојузот станавме Исусови лични пријатели, но предмет на тој Сојуз – договор е само еден – ЉУБОВТА. Но, таа љубов не е било каква, туку токму таква каква е Неговата кон нас. А тоа е: преданост од љубов. Евхаристијата во таа смисла е и жртва, бидејќи Исус под видот на леб и вино постојано се покажува на небесниот Отец за на тој начин го прослави. Да се потсетиме дека во великосвештеничката молитва на Последната вечера Исус говори: Оче, прослави Го Својот Син со славата што ја имав… Исусовата слава не е неговото Воскресение, туку неговиот Крст, а кога ќе бидам издигнат … сите ќе ги привлечам кон Себе (Иван 13,32). Небесниот Отец е прославен во неизмерната послушност на Синот кој се прикажува и дарува од љубов за своите пријатели.

Драги браќа и сестри, не можам доволно и јасно да истакнам колкаво е тоа таинство, колкав е тој дар и колкуу е тоа важно да се сфати дека патувањето на Црквата е секогаш нагорно, секогаш напорно, бидејќи оди кон врвот, кој е Голгота. Но Голгота не е место на проклество, не е место на уништуување, Голгота е место на љубов. На Голгота Исус простува, Исус помирува и Исус се дарува со љубов. Црквата е родена од неговата прободена страна кога протече крв и вода и тоа е време раѓање на Црквата.

Драги браќа и сестри, да го разбереме таинството на Евхаристијата, секогаш мора да тргнеме од салата на Последната вечера на Голгота и тој настан да го набљудуваме не како казна, не како уништување, туку како чин на Божјата љубов кон нас. За да го разбереме тоа, повторно ќе истакнам дека тој настан ни остана трајно присутен во нашите средини кога тој чин на љубов го претвори во присутност ова правете го на мој спомен. Така Црквата се раѓа по евхаристијата. Многу е важно овој миг да видиме дека Исус – имајќи ја во обѕир нашата слаба човечка природа – го испрати Светиот Дух да тој тоа дело го доврши така како што нам, како вели апостол Павле, ни дава моќ и верување. Во Евхаристијата не би можеле да веруваме дека Светиот Дух нѐ не држи на куп како заедница која е соединета со Исусовиот Дух околу Исусовото тело.

Браќа и сестри, денес славиме 125 години откако во Солун се основани сестрите Евхаристинки. Основани токму така и носат наслов дека веднаш е видливо како се вкоренети во салата на Последната вечера и преку Калварија влегуваат во свет носејќи и сведочејќи ја таа и таквата Христова љубов.

Драги Сестри вашата харизма е родена во одајата на Последната вечера. Не може таа харизма да се одвои од таа соба во која Исус ги собра своите ученици и ги „претвори“ во свои пријатели. Вие сте пријатели Божји – Христови свршенички – родени во Христовото срце во часот на Последната вечера. Верувам дека чувствувате дека тој повик од одајата на Последната вечера е повик да го следите на Калварија. Тој пат не е маченички, туку тој пат е прослава на Бог Отецот во извршувањето на неговата волја, тој пат е пат на љубов и затоа е предмет на вашите завети токму она што Исус го остави како предмет во Новиот Завет: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив вас. Не може да се биде Евхаристинка, а да не се чувствува „дома“ во одајата на Последната вечера. Но исто така не може да се биде Евхаристинка, ако по патот на Голгота со љубов не се наведнеме над немоќните, болните напуштените; никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели (Иван 14,13).

Сестрата Евхаристинка живее за оние на кои им е најпотребна љубовта: возрасни, немоќни, напуштени. Од каде кај неа толкава сила за таа авантура која е толку туѓа на нашиот менталитет? Одговор имаме во присутноста на Светиот Дух во нас. Светиот Дух е тој кој просветлува, води, чисти, усовршува и прави да тоа што сте и што сте одлучиле да можете да го спроведете во дело. Затоа денес, на овој ваш Јубилеј, ви порачувам: секој ден средба со Исус во евхаристијата и тоа постојана, длабока и лична. Секој ден присутност на Светиот Дух во секоја ваша мисла, збор и дело. Конечно, ниту еден ден без активна помош на малите, возрасните, напуштените. Зошто? Бидејќи Евхаристијата најповеќе се почитува така, што Исусовото евхаристиско лице се препознава во ближнот.

Додека почитувани Сестри, ви го честитам овој Јубилеј, ве повикувам вас, а и сите верници сега да се соединиме околу престолот на Последната вечера кога со силата на Светиот Дух Словото ќе стане Тело, кога ќе го обновиме својот Сојуз на Љубовта и ќе се нахраниме со Лебот од небото, да го препознаеме своето послание дека љубовта не се проповеда, туку дека се живее. На латински причест се нарекува communio, а воедно зборот communio значи заедница. Нека Бог ви даде бројни духовни звања во вашето општество, во нашата заедница да и натаму оди овоплотениот Исус во нашата средина како ЖИВА ЉУБОВ. Амин.

За авторот