Божиќна духовна обнова за лицата со посветен живот од Скопската парохија

Во понеделник 21 декември 2014 година во капелата на катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје во попладневните часови е одржана божиќна духовна обнова за лицата со посветен живот од Скопската парохија.Духовната обнова ја водеше скопскиот парох дон Давор Топиќ, а на средбата учествуваа сестрите Евхаристинки, сестрите Мисионерки на љубовта, сестрите Усмиленки, членовите на Фоколарите – Дело Мариино, монс. Антун Циримотиќ и капеланот дон Јошт Мезег.

Средбата започна со песна до Светиот Дух, а потоа дон Давор Топиќ го навести дел од Евангелието според Иван и продолжи со пригодна катехеза во која главна тема беше заедништвото. Тоа е плод на Светиот Дух, донесува плодови во евангелизацијата и во апостолатот на поедини монашки заедници и е знак на присутноста на Воскреснатиот Христос во денешниот свет. Катехезата заврши со повик за преобраќање и молитва, а потоа присутните имаа можност за Света Исповед, а во меѓувреме се молеше Света Бројаница.

Средбата продолжи во салата на пасторалниот центар во заедништво и разговор. По тој повод сестрите се простија од с. Марија Едит (МЦ), која заминува во нов апостолат во Албанија. Провинцијалната настојателка на сестрите Евхаристинки, с. Стефанија во име на сите на сестра Марија Едит и заблагодари за долгогодишното пожртвувано делување во оваа парохија и ѝ посака благослов во новото послание. Исто така посакано е добредојде на с. Христина, која дојде на нејзино место. Со песна и дружење завршена е уште една традиционална божиќна духовна обнова за лицата со посветен живот од оваа парохија.

к.мк

Категорија: Македонија

За авторот