Бискупот Стојанов ја благослови новата капела „Свeти Иван Крстител“ во Куманово

Во вторник 19 април 2016 година Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојановја предводеше Литургијата и ја благослови новата капела „Свети Иван Крстител“ за потребите на верниците и заедницата „Missio ad gentes“ свети Алберт Велики во Куманово.

Во заедништво со бискупот Стојанов беше душогрижникот на католичката заедница и водител на мисијата во Куманово дон Томаш Бак, скопскиот парох дон Давор Топиќ, скопскиот капелан дон Јошт Мезег, а заедно со домаќините беа и гостите од заедницата „Мариино Дело“ – Фоколари од Скопје како и чесните сетри Евхаристинки од Скопје.

Бискупот Стојанов во проповедта истакна: „Евреите не го препознаа Исус кој за нив беше еден од нив, но сепак поинаков, беше нешто повеќе но тие не го препознаа, исто така и овие семејства – мисионери во Куманово, слични се, но за луѓето кои ги среќаваат има нешто поинакво во нив, понекогаш ниту нашите домашни, пријателите во Исуса Христа не го препознаваат вистинскиот Бог. Тоа препознавање е милост, дар кој го добиваме преку пренесувањето на верата во семејството и Црквата. Посланието на секој христијанин е другите во него да го препознаат делувањето на вистинскиот Бог, да биде патоказ кон небото, за вечниот дом на нашиот милосрден Отец.“

Бискупот упати поздрави и благослов од апостолскиот нунциј во Македонија монс. Анселмо Гвидо Пекорари со што можеше да се види и почувствува единството и ширината на Црквата. Исто така ја истакна посебноста на католичката заедица во Куманово, која статистички е најмлада, со оглед на возраста на нејзините верници. Имено, најбројни членови на оваа заедница се децата, благодарение на многудетните семејства.

По Евхаристијата следеше прилика за агапе, дружење и заеднички разговор.

к.мк/Марко Стипановиќ

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот