Да не се плашиме на свадбата да ги поканиме Исус и Марија
Само сведоштвото за убавината на бракот може да ја задуши моменталната криза на семејството – истакна папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција одржана на плоштадот Свети Петар
Секој маж и секоја жена сака сигурен и траен однос, стабилен брак и среќно семејство – е резимето на катехезата на Светиот Отец во серијата поуки за бракот и семејството, на плоштадот Свети Петар на 29 април пред околу 20 илјади поклоници.
Драги браќа и сестри: продолжувајќи со нашите катехези за семејството, погледот го насочуваме кон свадбата во Кана каде што Исус го направи своето прво чудо, претворајќи ја водата во вино, на поттик на својата мајка Марија. На тој начин ја покажал својата грижа кон тој пар и дал знак дека има многу да каже за достоинството и важноста на самиот брак. Денес општеството е соочено со опаѓање на бројот на скплопени бракови. Во многу земји разводите се во пораст, додека бројот на децата се намалува – истакна Папата.
Тие прекинати брачни врски најмногу и пред сè влијаат врз младите, бидејќи тие доаѓаат до тоа на бракот да гледаат како на нешто привремено. Можеби постои стравот од неуспех кој што мажот и жената ги спречува да поверуваат во Христовото ветување за милост во подготовката за бракот и семејството. Сепак, знаеме дека речиси секој маж и секоја жена сакаат сигурен и траен однос, стабилен брак и среќно семејство.
Најефективно сведоштво на благословен брак се добри христијански сопружници и нивните семејства. Божественото посветување на нивната љубов е изворот на нивниот мир и верност. За тие благослови да се очигледни за светот, еднаквоста меѓу сопружниците треба денес да донесе и нови плодови – еднакви можности на работното место; ново вреднување на мајчинството и татковството; и поголема благодарност за отвореноста на семејствата кон оние во потреба – смета папата Фрањо.
Да не се плашиме на свадбата да ги поканиме Исус и Марија – поттикна Папата – христијанските сопружници да не стапуваат во брак само заради себе, туку и за доброто на заедницата и целото општество – рече папата Фрањо, најавувајќи го продолжувањето на ова катехеза за следната среда.
На крајот на аудиенцијата Папата ги поздрави различните групи поклоници.Папата Фрањо посебно се сети на младите, болните и нововенчатите парови. После молитвата Оче наш Светиот Отец на сите присутни и на нивните семејства – посебно болните и членовите на нивните семејства кои трпат – им го подели својот апостолски благослов.
РВ/Д.И.