Пред една година Бенедикт XVI се повлече од Петровата служба

Пред година дена, поточно на 11 февруари мината година, Бенедикт XVI се повлече од Петровата служба. Тоа беше историска одлука која во целиот свет, а не само во Црквата, беше примена со неизмерно изненадување. Бројните набљудувачи признаа дека во тој момент не беа подготвени за таква одлука. А на тие случувања, после година дена, во разговор за Радио Ватикан, се осврна патер Федерико Ломбарди, директор на Канцеларијата за печат на Светата Столица и на Радио Ватикан.

Со векови некој Папа не се повлекол од службата, затоа за повеќето луѓе тоа беше необичен и изненадувачки гест – рече патер Ломбарди. Всушност, кој одблизу го пратеше Бенедикт XVI., можеше да сфати дека размислува за тоа, а изречно го кажа тоа во разговорот со Петер Севалд. Значи, тој за тоа размислувал, проценувал, молел, духовно расудувал – забележа патер Ломбарди и додаде дека она што го мисли, а што и тогаш го рекол, дека е тоа слободно донесена одлука која навистина влијае на состојбата и на историјата на Црквата. Во таа смисла тоа е голем чин на управување, направен во духовна интимност, и во долго размислување и молитва.

Тоа е голем чин на храброст – додаде патер Ломбарди – бидејќи станува збор за невообичаена одлука, можеше да има разни проблеми и сомнежи за тоа што би можело да значи, покрај некакви последици за иднината, и како ќе го прими тоа Божјиот народ или јавноста. Јасноста со која Бенедикт XVI се подготвуваше за тој гест, како и верата со чија помош се подготвуваше, му ја дадоа смиреноста и потребната сила да ја оствари таа одлука.

На новинарската забелешка дека многумина се прашувале како ќе изгледа соживотот на двајцата папи, и дека денес се гледа дека стравот на мнозина – можеби повеќе на некои „стручњаци“, отколку на Божјиот народ – бил претеран, патер Ломбарди истакна дека е факт дека папството е служба, а не власт. Ако проблемите се живеат во смисла на власт, јасно е дека двете личности може да имаат проблем во соживотот, бидејќи може да биде тешко да се откаже од власта и да се живее покрај наследникот. Меѓутоа, ако сето тоа се доживува исклучиво како служење, (…) нема проблем! Тогаш постои голема духовна солидарност помеѓу Божјите служители кои, во служењето на Господ, го бараат доброто на Божјиот народ – истакна директорот на Канцеларијата за печат на Светата Столица.

Осврнувајќи се потоа на фактот дека Бенедикт XVI се опрости истакнувајќи дека ќе продолжи да служи на Црквата со молитва, патер Ломбарди раскажа едно лично доживување. При секоја аудиенција, кога поминував да го поздравам Папата, посебно во почетокот на неговото папство, секогаш ми даваше една бројаница како што е обичај. И секогаш при тоа ми говореше: „И свештениците треба да се сетат дека треба да молат“. Ете, тоа никогаш не го заборавив, бидејќи на така едноставен начин го изразуваше своето уверување и своето внимание за местото на молитвата во нашиот живот, исто така, и посебно, во животот на оној кој има одговорни задачи во служењето на Господ. Бенедикт XVI навистина беше секогаш човек на молитва, во целиот свој живот – истакна патер Ломбарди – и веројатно сакаше да има време во кое може таа димензија на молитва да ја живее попространо, попотполно и подлабоко. Затоа е ова негово време.

Што се однесува пак на сегашниот, повлечен живот на Бенедикт XVI, патер Ломбарди рече дека живее дискретно, без јавна димензија, но тоа не значи дека живее изолиран, како да е затворен во некоја строга клаузура. Живее нормален живот на постара побожна личност; значи, со молитвен живот, размислување, читање, пишување во смисла да одговара на поштата која ја прима; потоа разговор, средба со блиски личности со кои со задоволство се сретнува, со кои разговара, кои од него бараат совет или духовна близина. Она што го нема е јавната димензија на која што се привикнавме; како Папа беше секогаш на телевизиските екрани, на внимание на целиот свет.

Тоа повеќе го нема – додаде – но што се однесува на сето друго, води нормален живот во однос на другите. А во тие односи е и оној со неговиот наследник; односот со папата Фрањо со кој, како што знаеме, има и лични средби, разговори, меѓусебно се посетија… Мислам дека тоа е за нас многу убаво, кога ги гледаме оние ретки сцени на двајца папи заедно – сегашниот Папа и почесниот Папа – кога молат заедно; мислам дека тоа е многу убав и охрабрувачки знак на континуитетот на Петровата служба во служба на Црквата – забележа патер Ломбарди.

Силно ја чувствувам присутноста на Бенедикт XVI., како духовна присутност која прати, која смирува… – рече потоа патер Ломбарди и додаде – Мислам на големите ликови на старците во историјата на Црквата и историјата на спасението; посебно, да се сетиме, на пример, на Симеон кој го прифаќа Исуса во храмот. Сите ја познаваме големата вредност во тоа да имаме покрај себе постари лица, старци богати со мудрост, со вера, кои се смирени; тие се навистина голема помош за младите, да можат да одат напред гледајќи ја иднината со доверба и надеж. Тоа е за мене – а верувам и за Црквата Бенедикт XVI: Старец, мудар, можеме да речеме и свет, кој нè повикува со голема смиреност, бидејќи е убаво и да се види; навистина дава чувство на голема духовна смиреност. Ја задржа својата насмевка на која навикнавме, во убавите моменти кога го сретнуваме и нè повикува да одиме напред со доверба и надеж – истакна на крајот патер Ломбарди.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот