Генерална аудиенција: Христијанската љубов го опфаќа она што не е сакано, нуди простување
Љубовта е врв на катехезите за крепостите, истакна папата Фрањо на Генералната аудиенција на 15 мај 2024 година, говорејќи за оваа трета богословска крепост.
Повикувајќи се на химната на љубовта на свети Павле, Светиот Отец потсети како апостолот ги упатува овие зборови на заедница која беше далеку од совршена братска љубов. Христијаните од Коринт беа прилично кавгаџии, имаше внатрешни поделби, имаше и такви кои тврдеа дека секогаш се во право и не ги слушаа другите, сметајќи ги за инфериорни. Павле ги потсетува таквите луѓе дека знаењето воздига, додека љубовта изградува.
Апостолот ја забележува и соблазата која се однесува и на „најголемото единство на христијанската заедница“, евхаристиското славење. И таму има поделби, а има и такви кои го користат тоа за да јадат и пијат, исклучувајќи ги оние што немаат ништо. Соочен со ова, Павле е многу јасен: „Но, собирајќи се така заедно, не значи дека јадете вечера Господова.
Папата рече дека можеби во заедницата во Коринт луѓето биле убедени дека се добри луѓе, дека не направиле грев. За љубовта би рекле дека дефинитивно е важна вредност, исто како пријателството и семејството. И денес љубовта е на усните на многу „инфлуенсери“ и во рефрените на многу песни“, додаде Светиот Отец. Но, Свети Павле изгледа дека прашува за друга љубов. Не за љубовта која воздигнува, туку која слегува. „Павле е загрижен што во Коринт – како и кај нас денес – владее конфузија и дека всушност нема ни трага од богословската крепост, онаа што ни доаѓа само од Бога. И ако дури и со зборови сите уверуваат дека се добри луѓе, дека ги сакаат семејството и пријателите, во реалноста многу малку знаат за Божјата љубов“, рече Папата.
Зборувајќи за различни грчки зборови за дефинирање на љубовта, Папата истакна дека христијаните се „способни за сите љубови на овој свет“. Се заљубуваат, ја доживуваат добродушноста која доаѓа од пријателството, како и љубовта кон татковината и универзалната љубов кон целото човештво.
Но, постои поголема љубов, која доаѓа од Бога и е насочена кон Бога, која ни овозможува да го сакаме Бога, да станеме негови пријатели и ни овозможува да го сакаме ближниот како што Бог го љуби, со желба да споделуваме пријателство со Бога. Оваа љубов, заради Христа, нè турка таму каде што човечки гледано не би отишле: тоа е љубовта кон сиромашните, кон она што не е сакано, кон оние што не нè сакаат и не се благодарни. Тоа е љубов кон она што никој не би го љубел; дури и кон непријателот. Тоа е тоа „богословското“, односно доаѓа од Бога, тоа е делувањето на Светиот Дух во нас.
Потсетувајќи се потоа на Исусовата Проповед на Гората, Папата потсети дека Христос не повикува да ги сакаме нашите непријатели. „Правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат, за да бидете синови на вашиот Отец небесен, зашто Он го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите“. Во овие зборови љубовта се открива како богословска крепост и го добива името caritas. Веднаш сфаќаме дека тоа е тешка љубов, всушност невозможно да се практикува ако не се живее во Бога, истакна Светиот Отец.
Нашата човечка природа нè поттикнува спонтано да го сакаме она што е добро и убаво. Во име на идеалите или големата наклонетост, можеме да бидеме дарежливи и да правиме херојски дела. Но, Божјата љубов ги надминува овие критериуми. Христијанската љубов го опфаќа она што не е сакано, нуди простување. Колку е тешко да се прости, колку љубов е потребна за да се прости. Христијанската љубов ги благословува оние што колнат. Тоа е љубов толку смела што изгледа речиси невозможна, а сепак е единственото нешто што ќе остане од нас. Тоа е „тесната порта“ низ која треба да се помине за да се влезе во Царството Божјо.
Во предвечерието на животот нема да ни судат општата љубов, туку токму по љубовта – caritas, милосрдието, рече на крајот Папата.
Ватикан њуз/к.мк