На Генералната аудиенција во среда 17 март 2021 година, папата Фрањо зборуваше за првиот дар во секој христијански живот, Светиот Дух. Сите се еднакви, рече тој, по достоинство, но исто така единствени по убавината преку која Духот сакаше да зрачи во сите оние кои Божјото милосрдие ги направи неговите деца.
Светиот Дух, Божјиот дар, нè потсетува на она што Исус го кажа и направи. Духот го донесува Исус во нашите срца – рече папата Фрањо на Генералната аудиенција, која се одржа во библиотеката на Апостолската палата, завршувајќи ја катехезата за молитвата како однос со Пресветата Троица, а посебно со Светиот Дух. Тој нè менува од длабочините – истакна Папата.
Светиот Дух е првиот дар во секој христијански живот. Не е еден од многуте дарови, туку основен Дар. Без Духот нема однос со Христос и Отецот, затоа што Духот ги отвора нашите срца за присуството на Бога и го привлекува во „вртлогот“ на љубовта, која што е самото Божјо срце. Ние не сме само гости и поклоници на патот на оваа земја; ние сме исто така гости и поклоници во тајната на Пресвета Троица. Ние сме како Авраам, кој еден ден прими тројца минувачи во својот шатор и се сретна со Бога. Ако навистина можеме да го повикуваме Бога, нарекувајќи го „Аба-Оче“, тоа можеме да го направиме затоа што Светиот Дух живее во нас; Тој нè менува од длабочините и ни дава да ја почувствуваме трогателната радост затоа што Бог нè сака како неговите деца – истакна Папата.
Да не заборавиме, Духот е присутен во нас. Да го слушаме Духот, да го повикаме; тој е дар што Бог го направи за нас. Црквата нè повикува да се молиме на Светиот Дух секој ден, особено на почетокот и на крајот на секоја важна работа – забележа Светиот Отец. Често се случува да не молиме, да немаме волја за молитва или да не знаеме или многу пати да се молиме како папагали, да кажуваме зборови, но срцето е далеку. Ова е моментот кога треба да му кажеме на Духот: „Дојди, дојди Душе Свети, стопли го моето срце. Дојди и научи ме да се молам, научи ме да гледам во Отецот, да го гледам Синот. Научи ме каков е патот на верата. Научи ме како да сакам и пред сè научи ме да се однесувам со надеж“. Треба постојано да го повикуваме Духот за да биде присутен во нашите животи – рече папата Фрањо.
Светиот Дух нè потсетува на Исус – додаде папата Фрањо – и го прави присутен во нас за да не се сведе на личност од минатото. Во Духот сè е оживеано и на христијаните од сите времиња и места им се дава можност да се сретнат со Христа. Тој не е далечен, тој е со нас; тој сè уште ги поучува своите ученици преобразувајќи ги нивните срца, како што направи со Петар, Павле, Марија од Магдалена. Тоа е искуство што го доживеале многу молители: мажи и жени кои биле обликувани од Светиот Дух според Христовата „мерка“: во милосрдие, во служба, во молитва
Благодат е да се сретнат такви личности – истакна Папата – забележуваме дека во нив струи поинаков живот, нивниот поглед гледа „подалеку“. Да не мислиме само на монасите, на пустиниците; ги има меѓу обичните луѓе, кои ткаеле долга историја на дијалог со Бога, понекогаш со внатрешни борби што ја прочистуваат верата. Тие понизни сведоци, кои го барале Бога во Евангелието, во Евхаристијата која ја примија и на која се поклонија, пред лицето на нивниот брат во неволја и го чуваат неговото присуство како некој таен оган.
Затоа, првата задача на христијаните е да го одржуваат во живот огнот што Исус го донесе на земјата (сп. Лука 12,49), односно Божјата Љубов, Светиот Дух. Без оган на Духот, пророштвата се гаснат, тагата ја потиснува радоста, навиката го зазема местото на љубовта, службата се претвора во ропство – рече Папата и ја спомна запалената светилка, која стои покрај дарохранителницата, каде се чува Евхаристијата. И кога црквата ќе се испразни и ноќта ќе се спушти, и кога црквата ќе биде затворена, таа светилка останува запалена, и понатаму гори; никој не ја гледа, но таа сепак гори пред Господ.
Светиот Дух ја пишува историјата на Црквата и светот – истакна Папата и додаде: Ние сме отворени страници, подготвени да го примиме неговиот ракопис. Во секој од нас Духот создава оригинални дела, затоа што никогаш не постои христијанин кој е потполно еднаков на некој друг. На бескрајното поле на светоста, единствениот Бог, Троица на Љубовта, дозволува да цвета разновидноста на сведоци; сите се еднакви, рече тој, по достоинство, но исто така единствени по убавината преку која Духот сакаше да зрачи во сите оние кои Божјото милосрдие ги направи неговите деца.- рече папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк