Папата ги прими членовите на Одборот за изградба на базиликата Светото Семејство во Барселона

Папата ги прими членовите на Одборот за изградба на базиликата Светото Семејство во Барселона

Во сабота, 17 февруари 2024 година, папата Фрањо ги прими во аудиенција членовите на Одоборот за изградба на базиликата „Свето семејство“ (Sagrada Familia) во Барселона, која ја проектираше каталонскиот архитект, слугата Божји Антони Гауди.

Светиот Отец ги повика членовите на Одборот да им овозможат на ходочесниците да го воздигнат своето срце кон Бога секогаш кога ќе влезат во таа величествена црква.

„Нека нивните погледи се кренат нагоре, како зашилените готски врвови и камбанаријата, а нивните гласови се спојуваат со гласовите на ангелите: Свет бесмртен Бог“, рече Папата.

Папата Фрањо во своето обраќање зборуваше за молитвата, со оглед на тоа што е во тек подготвителната молитвена година за јубилејот 2025 година.

„Молитвената атмосфера не смее да исчезне од нашите храмови и таа мора да биде еден од приоритетите за оние како вас, кои ја презедоа одговорноста да се грижат за нив“, рече тој.

Вратата на верата, надежта и љубовта

Папата ги спомна и трите врати на фасадата на базиликата Свето семејство, кои – како што рече – секоја има своја тема илустрирана со делови од Светото Писмо и врамена со молитва.

Вратата на верата од десната страна, посветена на Пресвета Богородица, ги носи зборовите на Трисагионо – химна од Божествената Литургија на многу цркви од источниот обред.

Исто така го прикажува и Исус како им проповеда на учителите на законот, покажувајќи дека „проповеданата вера секогаш мора да стане молитва“, рече Светиот Отец.

Левата врата е посветена на Свети Јосиф и се нарекува Врата на надежта. Централната врата посветена на Исус го носи името Љубов.

Сите тројца заедно го претставуваат Светото семејство и ги повикуваат верните да погледнат во тајната на Воплотувањето.

Папата Фрањо го истакна и приказот на Бројаницата што се спушта над витражот и ја врамува Витлеемската ѕвезда, како да сака да каже: „Еве ја вашата светлина“.

„Токму во обожавањето, во контемплативното размислување за таинствата, ние се отвораме кон таа светлина како прозорците на вашиот храм“, истакна Папата.

Молитвено размислување на ходочесникот

На крајот, Светиот Отец ги повика членовите на Одборот да ги воведат ходочесниците во молитвеното разгледување на иконографскиот проект на Божјиот слуга Антони Гауди.

Одборот за изградба на базиликата на Светото Семејство е приватна фондација која се грижи за изградбата, конзервацијата и реставрацијата на објектот.

Од 18-те куполи koi ќе ги има базиликата според замислата на архитектот Гауди, сè уште е недовршена само централната, која ќе биде највисока со 172 метри. Завршувањето на Кулата на Исус Христос се очекува во 2026 година, кога ќе навршуваат 100 години од смртта на Гауди.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот