Генерална аудиенција: Нашата сила е во љубовта Христова
Нашата сила е во Христовата љубов! Силата која во тешките моменти нè поддржува и го вдахнува нашето дневно апостолско делување, за на сите да им ја понудиме добрината и простувањето, сведочејќи го така Божјото милосрдие – се зборовите на Светиот Отец за време на Генералната аудиенција, кои на 24 септември ги упати на собраното мноштво на плоштадот Свети Петар.
Папата зборуваше за апостолската посета на Албанија, сакајќи така да искаже чин на благодарност до Бог, со што на видлив и опиплив начин ја изрази својата близина – како и близината на целата Црква – на албанскиот народ. Не го сокриваше ниту задоволството и благодарноста до албанските епископи, свештеници, монаси и монахињи кои се многу ангажирани во својата служба, а се заблагодари и на албанската влада, на љубезното прифаќање како и на сите оние кои соработувале за реализација на спомнатата апостолска посета.
Папата сакаше да ја посети земјата која по долгогодишната репресија на атеистичкиот и нехуман режим, остварува мирен соживот на различните верски делови, сакајќи да го охрабри албанскиот народ да продолжи со вниманието и продлабочувањето на сите аспекти на животот, за општото добро. Затоа во центарот беше меѓурелигиската средба во која како што вели – со големо задоволство може да види дека мирниот и плодниот соживот помеѓу луѓето и заедницата – кои припаѓаат на различни религии – не само е посакуван, туку и практично можен и остварлив. Тие го практикуваат – кажа Папата! Станува збор за вистински и плоден дијалог кој го избегнува релативизмот и го зема во обзир идентитетот на секој човек. Она што ги обединува различните религиски изразувања во реалност е животниот пат, добрата волја на другиот да му направиме добро, не негирајќи или намалувајќи го неговиот идентитет – смета папата Фрањо.
Средбата со свештениците, посветените луѓе, семинаристите и лаичките движења беше можност со благодарност да се сетиме, со посебно чувство на бројните маченици за верата. Заблагодарувајќи на присуството на некои кои на сопствена кожа го почувствувале ужасот на прогонот, со вера зрачат многу сведоци-херои, кои Христа Го следеле до крајните последици. Всушност, преку интимното соединување со Исус, во односот на љубовта кон Него, им дава на тие маченици сила – а тоа важи за секој маченик – во соочувањето со болните настани кои ги довеле до мачеништво – рече Папата.
Дури и денес, како и вчера, силата на Црквата не произлегува толку од организациската способност или од структурата – кои исто така се потребни – Црквата не ја наоѓа во нив. Нашата сила е Христовата љубов! Силата која во тешките моменти нè поддржува и го вдахнува нашето дневно апостолско делување, за на сите да им ја понудиме добрината и простувањето, сведочејќи го така Божјото милосрдие
Светиот Отец спомна како возејќи се по главната улица во Тирана до центарот на плоштадот можел да ги види портретите на четириесет свештеници убиени во текот на комунистичката диктатура, а за кои е покренат процес за беатификација. На нив се придружуваат повеќе од стотина христијански и муслимански верници кои се мачени, затворани и депортирани само затоа што верувале во Бог. Тие биле мрачните години во текот на кои потполно е укината верската слобода и било забрането да се верува во Бог; илјадници Цркви и џамии се уништени, претворени во скалдишта и кина, од каде што се промовирала марксистичка идеологија; верските книги се палени, на родителите им било забрането на своите деца да им дават верски имиња – објасни Светиот Отец.
Сеќавањето на тие трагични настани е важно за иднината на народот. Сеќавањето на мачениците кои истрајале во верата е гаранција за судбината на Албанија; бидејќи нивната крв не е пролеана залудно, туку тоа е семето кое ќе го роди плодот на мирот и братската соработка. Денес Албанија е пример не само за повторното раѓање на Црквата, туку и на мирен соживот меѓу религиите – посебно истакна папата Фрањо. Мачениците не се губитници, туку победници: во нивното херојско сведочење се одразува Божјата семоќ, која секогаш го теши својот народ, отворајќи нови патишта и хоризонти на надежта. Таа порака на надеж заснована на верата во Исус Христос и на сеќавањето на минатото, ја доверив на целото албанско население, кое го видов воодушевено и радосно на местата за средба и славење како и по улиците на Тирана.
Папата сите ги поттикна да црпат секогаш сила од Воскреснатиот за во општеството да можат да бидат евангелскиот квасец и да учествуваат – што веќе и се случува – во добротворното и образовното делување. Папата се заблагодари на Господ, бидејќи му даде да се сретне со храбар и силен народ кој под болките и неволјите не дал да се свитка. Браќа и сестри во Албанија го обновувам повикот на храбоста за правење добро, на изградба на сегашноста и иднината на нивната земја и Европа – повика папата Фрањо.
Ги доверувам плодовите од својата посета на Богородица од добриот совет која се почитува во истоименото светилиште во Скадар, така и понатаму да го предводи одењето на овој народ- мачениците – рече Светиот Отец посакувајќи албанскиот народ да биде носител на динамизмот на љубовта, толку потребна во денешниот општествено-културен контекст. Би сакал сите денес да го поздравиме овој храбар и трудољубив народ кој во мир тежнее кон единство – рече Папата.
АПЕЛ
Потоа Светиот Отец се осврна и на оние афрички земји кои се погодени од епидемијата на ебола. Близу сум до луѓето погодени од ова ужасна болест. Ве поттикнувам да молите за нив и за многуте кои на трагичен начин го загубија животот. Исто така сакам да се планира неопходната помош од меѓународната заедница за да се олесни трпењето на оние наши браќа и сестри. Да се помолиме сега за нив на Богородица – поттикна Светиот Отец, започнувајќи да моли Радувај се Маријо.
РВ/Д.И.