Времето во кое што живееме е непроценливо, минливо и неповратно. Ако не научиме да ги цениме моментите од кои ни се состои животот, влегуваме во бројот на оние кои времето од животот им поминува без нив самите.
Тие го потрошиле даруваното време не живеејќи ја неговата вредност. Сепак, постојат луѓе кои знаат паметно да го искористат времето, па прават сѐ во вистински момент. Може да почувствувате како тие го ценат животот, не губејќи го времето залудно. Никаде не се брзаат, секогаш имаат време, за разлика од поголемиот дел луѓе кои секогаш доцнат, обидувајќи се да го достигнат изгубеното време. Времето кое ни е дарувано е ограничено, затоа што е скапоцено, затоа што на сите нас ни е одредена точно определена количина. Не сме секогаш свесни за сопствената минливост на овој свет, и поради тоа времето е субјективно искуство на поединецот. И кога времето би ни било неограничено, и понатаму би требало паметно да го искористуваме за да ја одржиме неговата вредност. Старата поговорка вели: „Парчето време да е парче злато, а парчето злато да не можеме да го купиме со парче време“. Поради тоа способноста за живеење на сопственото време е дар.
Времето исто така е одреден феномен, затоа ист временски интервал може субјективно различно да трае. Сите пред или подоцна сме искусиле како моментите на несреќа премногу долго траат, а на среќата премногу кратко, како што времето ни поминува кога се занимаваме со нешто креативно, а трае подолго кога ни е досадно, или едноставно останува „зеледено“ во моментите на потполна загриженост, како стрелките на часовникот да застанале… допрени со љубовта на нечии очи… се губите во погледот, застанува времето… Сепак, најчесто можеме да слушнеме како денес луѓето немаат време едни за други, за ближните, за потребите, за несреќните или болните… и што е најжално, за самите себе си, и конечно, за Бога. Затоа размислувам, дали сме господари над сопственото време, или полека се претвораме во негови робови? Го кроиме времето или тоа нам ни задава мерки на живеење?
Нашиот живот е подготовка за вечноста, која што трае од раѓање па сѐ до гробот, по кој повторно се раѓаме за вечноста. А вечноста е време без време. Мудрото согледување на овоземскиот живот не бара од нас многу… освен да ги посветиме мислите кон Бога во молитва… во допир со Вечноста, која што ни ја дарувал Бог и кој што ни го дарувал времето и слободата да живееме како што сакаме. Затоа е неопходно паметно да го искористиме даруваното.
Еднаш, во полнота на времето Бог слегнал во нашето време да ни помогне да го осмислиме животот, покажувајќи ни ја неговата вредност и убавина. Затоа благословувај ја секоја секудна и секоја минута од својот живот, секој час, секоја година. Така, телото ќе нурне во времето, а духот во вечноста, ќе го наследиш благословот Божји.
Вера и дела/к.мк