Христос Цар

Христос Цар

Кое е вистинското царство на Исус? Она на Оној кој љуби, кој опростува, кој бара заедништво со своите браќа сѐ до крајот. Тоа е царството на еден Месија кој „царува од дрвото“, како што знаеле Отците на Црквата да кажат: всушност само на крстот врз неговата глава стои натписот: „Овој е царот Јудејски“. Трезорот од неговото царстрво стои на мал простор од Крстот – во најневооружената љубов.

Исус едноставно бил неправедно распнат: Тој, Праведниот (сп. Лк 23, 47) – „виновен“ заради тоа што со својот живот го прикажал лицето на еден Бог кој е Отец полн со љубов кон грешниците (сп. Лк 15, 11-32) и затоа што го прикажал Бог како радосна вест за сите луѓе – висеше на крстот помеѓу двајца разбојници. Сепак, во оваа срамна ситуација Исус не се заканува, не одговара со омраза на омразата која му е наметната, туку има сила да изговори еден сѐ уште неслушнат збор: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават“…

Но ниту овој негов екстремен и едностран гест, ниту овој негов скандалозен начин да покаже како Бог царува, не е разбран од луѓето. Ако е вистина дека народот „го контемплира“ Исус на крстот, всушност тоа е единствената автентична христијанска контемплација (сп. Лк 23, 48)! „соблазната на крстот“ (Гал 5,11), сепак побудува понатамошен презир и потсмев: верските водичи на Израел и римјаните се подбиваат со Исус. Тие повеќе го предизвикуваат, ставајќи го во дискусија неговиот сопствен повик: „Ако си ти цар Јудејски, Божји Месија слегни од крстот и спаси се!“ Исус е искушуван како што бил искушуван од Сотоната на почетокот од неговиот јавен живот: „Ако си ти Син Божји…“ (Лк 4, 3.9).

Но уште еднаш Исус се одрекува да живее за самиот себе, да бара од Бог да интервенира со извонредно чудо за да би ги принудил луѓето да го следат како моќен во овој свет. Тој прифаќа да го изгуби својот живот, избира верно да ја доврши волјата Божја, продолжувајќи сѐ до самата смрт да му биде послушен на Бог: не дека Отецот сакал да го гледа како страда на крстот, туку Исус разбрал дека послушноста кон Божјата волја, волја која бара да се живее љубовта до крајност, бара живот на правда и на љубов, дури и по цена на насилна смрт. Да, Исус се одрекува да се спаси самиот Себе, и тоа е само благодарение на ова негово однесување кој само тој има авторитет да го каже: „Кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене, тој ќе ја спаси“ (Лк 9,24).

Исто така еден од злосторниците го навредувал Исус: „Нели си ти Христос? Спаси Себеси и нас!“ Додека другиот, таканаречениот „добриот разбојник“, покажал дека разбрал кое е Господството на Исус: ја поправува грешката на браќата, укорувајќи го другиот осуденик; го признава злото кое го направил и ги прифаќа последиците; ја признава Исусовата невиност и Му се обраќа со молба, исповедајќи го есхатолошкото царство: „Исусе, сети се на мене, кога ќе дојдеш во царството Твое“. Овој разбојник е слика на верниците и на Црквата, кои во историјата се повикани да го сведочат царството Христово, споделувајќи ги страдањата на Распнатиот, повикувајќи го доаѓањето на Царството, и исчекувајќи го Оној што доаѓа во славата.

Исус на него му зборува тоа што сите ние би сакале да го слушнеме во нашиот последен ден: „Денес ќе бидеш со Мене во рајот“. Да, ова е ветувањето резервирано за целото човештво, исто така и за злобните и за грешниците: зависи од секој од нас дали ќе ја прифатиме, прифаќајќи да го изгубиме сопствениот живот за Исус Христос, Месијата кој царува од крстот, т.е. да го љубиме Него и да го изгубиме нашиот живот за браќата.

Енцо Бијанки/З.А.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот