Воскресна полноќна хомилија на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов
Драги браќа и сестри,
Со оваа најубава литургија во Католичката црква го празнуваме и најголемиот настан на спасението кој произлегува и ја надминува нашата историја, а тоа е настанoт на Христовото воскресение. Тоа искуство кое во себе го содржи зборот Воскресение го нема никој. Дека христијанството се раѓа околу Христовото воскресение тоа е историски факт. Неговите страданија, смртта и воскресението се темел на нашето препородување во св. тајна на крштевањето, миропомазанието и eвхаристијата. Верник се станува не според сопствен избор, туку според сопствениот одговор на тоа што во воскреснатото таинство Бог ни го понуди да веруваме. Тоа е настан во кој се раѓа повикот на нашата вера и не поттикнува како одговор на верата според многуте Божји слова и милосни знаци. Во центарот на тоа празнување се обновата на крстните ветувања и препородот во Христос воскреснатиот и славниот. Реков дека овој историски настан излегува од рамките на нашиот поглед на историјата и го надминува нашето временско набљудување на реалноста, бидејќи Христос во прославената материја повторно е присутен во тело, иако тоа тело не е потчинето на нашите познати физички закони. Кога го празнуваме Велигден во нашата свест повторно треба да е сознанието дека се работи за настан кој не можеме до крај да го сфатиме, но токму во тој факт е и мостот каде што човекот од обостраноста на верата преминува на онаа страна. Да се набљудува Христос како препородител, ако сакате и како револуционер, е знак на девалвација на христијаните. Силата на нашата вера е во Христос кој е жив, воскреснат и присутен. Апостол Павле не предупредува – ако тоа не би било вистина, тогаш би биле најсиромашни луѓе на светот и би заслужиле секој да не исмејува како што нему му се потсмевнуваа Атињаните, кога им го навести Христос воскреснатиот. Затоа, драги браќа и сестри, повторно истакнувам дека празнувањето Велигден секогаш чин е на верата и достојно може да се празнува не како спомен, туку како настан на верата. Литургијата со која го славиме тој настан не е празен спомен, туку настан сега и овде. Литургиското празнување не е собир на убави церемонии а и овој олтар не е сцена, туку литургијата е свет настан и така и овој олтар е свето место на спасението. Што ни значи празнувањето Велигден нам, на верниците? Најнапред тоа е повик за обнова на нашата вера. Вера во Бога кој е Отец, Син и Светиот Дух. Вера дека во историјата Отецот го испратил Синот кој стана човек кој во сè бил сличен на нас, освен во гревот. Вера дека сега на дело е Светиот Дух кој оној историски настан во овој миг го прави присутен во ова празнување. До Воскресението не можеме да дојдеме ако не го следиме Христос кој низ страданијата и смртта влезе во суштината на човековото битие. Имено, сите ние сме наследници на една човечка природа иако секој од нас е неповторлива единка во историјата. Таа наша природа е ограничена во времето и просторот. Неискажливо не мачи фактот на преминот и грешноста. Толку желно копнееме да не умреме и да имаме совест слободна од нашите лоши дела и неуспеси. Христос влезе во таа наша природа и ја зеде на себе сета наша грешност. Највозвишен дар кога на посебен начин го доживуваме од гревот е токму Велики петок. Нема Воскресение без тоа ослободување. За жал, гревот е наследство што секој од нас повеќе или помалку го носи во себе како искуство и товар. Знаеме дека од тој товар не можеме да се ослободиме сами со својата сопствена сила. Кој може да ни ја смири нашата ранета совест, кој ќе го симне од нас товарот ако не единствениот праведен и милосрден Бог. Но, Тој тоа го направи преку Исус Христос кој и покрај својата безгрешност ги зеде врз себе гревовите на сиот свет и во смртта ја уништи моќта на гревот. Таа негова предаденост во љубовта и послушноста кон Отецот го смири целото човештво со Бога. За тој мир по кој копнее нашата совест е даруван во Христовата жртва. Во тој миг на својата целосна преданост на послушност и смрт, ја уништи смртта. Бог не ја создаде смртта ниту се радува на смртта, но допушти Исус да умре со човечка смрт, а да воскресне со Божествена сила. Овде се наоѓа одговорот на нашата тешкотија, односно проблемот а тоа е прашањето за смртта. Воскресението ни докажува дека смрт не постои, дека таа е само привид и да не мислиме дека смртта е последна точка на нашиот живот. Не, точка нема. Со Христовото Воскресение смртта е уништена. Со Христовото воскресение е отворен патот во оној живот за кој што човекот е создаден. Навистина, Бог би бил „голем сиромав“ да создадеше такво прекрасно создание и да го обдари со толку дарови како што е човекот, а да допушти тој човек да умре со смртта. Морам многу јасно да кажам дека не постои Бог – убиец, туку дека постои само Бог на живите. Најголема заблуда за човештвото е да мисли дека смртта е завршеток на животот. Смртта е завршеток на еден пат, но тој пат не престанува, туку само продолжува на еден друг начин на постоење. Христовото воскресение го докажува и оној трет начин а тоа е постоењето во тело. Додека го празнуваме Неговото воскресение ние, всушност, го признаваме тој нов начин на постоење.
Текстот од Евангелието што го слушнавме е Марков извештај како воскресението било објавено на првите сведоци – жените. Темелна порака е: „Не плашете се! Вие го барате Исус од Назарет, Распнатиот, тој воскресна, не е овде! Еве го местото каде го положија. Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петар дека Тој пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе го видите, како што ви беше рекол“ (Мр 16,6-7).
Драги браќа и сестри, со силата на верата која не храни и охрабрува и јас денес ви порачувам: Не плашете се! Го барате Исуса, Воскресна, отидете во Галилеја, таму ќе го видите. Оваа средба во овој Божји храм ја има силата на тоа послание: Идете и сведочите дека Исус Христос е жив и присутен. Ако сакате да имате мирна совест и вечен живот облечете се во силата на верата која ви се нуди во овој миг. Отидете по сиот свет и бидете сведоци дека Исус Христос е сега и секогаш единствен Спасител на светот. Нека Неговата присутност трајно ве прати по вашите Галилејски, односно македонски патишта.
Честит празник Воскресение Христово – Христос воскресе!