Во Скопје прославен празникот на Евхаристијата

На 19 јуни 2014 година, на празникот Пресвето Тело и Крв Христово – Телово, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов го предводеше евхаристиското славење во скопската катедрала Пресвето Срце Исусово.

Со епископот Стојанов сослужуваа и Генералниот викар, монс. Антун Циримотиќ, скопскиот парох дон Давор Топиќ и бискупскиот канцелар о. Марјан Ристов. На литургиското славење беа присутни сестрите Евхаристинки со својата провинцијална поглаварка, с. Стефанија Георгиева, кои делуваат и на подрачјето на скопската парохија, а на овој празник го слават својот патронат.

Во својата проповед бискупот Стојанов рече: „Исус во Евхаристијата не дава нешто, туку се дарува самиот себе; тој го принесува своето Тело, ја пролева својата Крв. На тој начин ја дарува својата севкупна егзистенција, објавувајќи го изворот од кој извира таа љубов. Тој е вечен Син, кој го даде Отецот за нас. Во Евхаристијата се објавува замислата на љубовта што ја води целокупната историја на спасение. Во неа Троединиот Бог, кој самиот за себе е љубов, станува дел од човечката состојба. Во лебот и виното, приликите во кои ни се дарува Христос на пасхалната вечера, присутен е целиот божествен живот кој допира до нас и на нас ни се објавува во светите Тајни. Браќа и сестри, во секоја Евхаристија, а посебно денес се обидуваме да се собереме, на овој начин кога ја гледаме љубовата на Троединиот Бог, кога на овој олтар со силата на Светиот Дух, Христос станува Тело и ни се дарува под приликите на леб и вино за наш живот вечен“, истакна епископот Стојанов.

На крајот од проповедта бискупот им го честита празникот на монашката заедница на сестрите Евхаристинки и заблагодари исто така за нивната пожртвуваност и дарување, како и за сѐ она што го прават на подрачјето на локалната Црква во Македонија, со желба Бог да ги обдари со нови духовни звања.

Поради врнежливото време, процесијата со Светата Причест се одржа во катедралата. Бискупот Стојанов низ катедралата ја носеше Пресветата Олтарска Тајна задржувајќи се на четири постојки. За време на процесијата пред Пресветата Олтарска Тајна децата посипуваа цветни листови. За време на мисата пееше катедралниот хор предводен од с. Татјана Атанасова.

д.Д.Т.

Категорија: Македонија

За авторот