Во Скопската катедрала бискупот Стојанов служеше света Литургија за починатите од КОВИД – 19
На 26 март 2021 година Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов во Катедралната црка „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје служеше света Литургија за починатите од КОВИД-19, заразените, нивните семејства и медицинскиот персонал кој се грижи за нив, со што Црквата во Македонија и Меѓународната бискупска конференција „Свети Кирил и Методиј“ се приклучи на молитвената иницијатива на Советот на Европските бискупски конференции. На светата Литургија со бискупот сослужуваа дон Паво Шекерија, отец Марјан Ристов и дон Томаш Бак.
На почетокот од евхаристиското славење бискупот Стојанов ги пренесе поздравите и благословот на Апостолски нунциј во Македонија монс. Анселмо Гуидо Пекорари, кој исто така се приклучува во молитвата за починатите од КОВИД 19.
Во својата проповед монс. Стојанов ја претстави молитвената иницијатива на Советот на Европските бискупски конференции со која секој ден се моли и служи света Литургија за починатите од КОВИД – 19. Така тој истакна дека денес 26 март е определен на Меѓународната бискупска конференција Свети Кирил и Методиј, која на овој начин и со оваа света Литургија се приклучува на молитвената мрежа.
Бискупот Стојанов ги спомна последиците кои ги остава оваа пандемија, но исто така и напомена дека кризите не се само време за жалење и сожалување, обесхрабрување и очај, туку и погодно време за преиспитување и вреднување, а посебно погодно време за тоа е токму Великиот пост, при што истакна: Во светлината на Божјото Слово да го бистриме погледот и да ја чистиме душата и срцето од сите непогодности на кои сме изложени. Божјото Слово денес нѐ повикува да веруваме дека Исус – Бог стана човек за да нѐ спаси и колку што може повеќе да го возљубиме.
Во понатамошниот дел од проповедта бискупот Стојанов спомна за Страсната седмица и драматичните настани што се случија во таа седмица. Тој истакна дека Исус и покрај сето добро што го беше направил, сепак се соочил со непријателство, недоразбирање, отфрленост и презир од страна на првосвештениците народни. При тоа тој потенцира дека и денес многумина се отфрлени и презрени само затоа што навестуваат вредности кои се темелат на Евангелието и рече: „Гласот на оние што повикуваат на умереност, воздржаност и чедност се гуши во пропагандниот шум“ при што повика на молитва за да издржат во своите напори.
Својата проповед бискупот Стојанов ја заврши со констатацијата дека во Исусовите зборови и дела може да пронајдеме коректив за своите зборови и дела. Затоа тој поттикна на молитва и размислуваме над Божјите зборови за да ни бидат насока во нашиот од, вдахновение во говорот и поттик во дејствувањето.
Светата Литургија ја пренесуваше Радио Марија на фреквенцијата во Струмица FM 106,5 MHz и преку интернет на порталот radiomarija.mk
к.мк