Во Годината на милосрдието ќе има дополнителни аудиенции
Во месец август, папата Фрањо повторно ќе почне со јавните средби. Во вторник попладне, на 4 август, на Плоштадот свети Петар ќе се сретне со министрантите од германското говорно подрачје, а во петок 7 август, на аудиенција ќе ги прими членовите на Евхаристиското движење на младите.
На 5 август, повторно ќе почнат да се одржуваат секоја среда Генералните аудиенции, кои со нетрпение ги очекуваат верниците од целиот свет. Генералната аудиенција која ќе се одржи на 26 август ќе биде 100-та аудиенција на папата Бергољо.
Префектурата на Папскиот дом, освен тоа, известува дека од почетокот на понтификатот на папата Фрањо на Генералните аудиенции, по повод пладневните Богородични молитви, како и на другите посебни аудиенции во Ватикан, присуствувале 15 милиони луѓе. За важноста на овие моменти од средбите на пастирот со Божјиот народ, за радио Ватикан зборуваше надбискупот Георг Генсвајн, префект на Папскиот дом, кој уште на почетокот истакна дека е јасно дека Генералната аудиенција, за папата Фрањо е посакувана средба, и како токму таму се гледа дека се чувствува во потполна сила.
Верниците го гледаат и слушаат Папата, со што доаѓа до директен контакт, за некои можеби само еднаш во животот, и тоа остава трага за целиот живот – рече надбискупот и додаде дека на аудиенциите, освен зборовите, многу важно е и расположението кое владее таму. Генералната аудиенција е исто така и средба на чувства, а тоа е многу важно за папата Фрањо, како и за верниците, поклониците.
Осврнувајќи се на настаните предвидени за Годината на милосрдието, надбискупот рече дека голема нова вест е тоа што во овој период, еднаш месечно, една сабота во месецот, ќе се одржува уште една Генерална аудиенција, по примерот на Генералните аудиенции во среда. Тоа ќе биде Генерална аудиенција со карактеристики за Јубилејната година – изјави надбискупот.
Истакнувајќи потоа како папата Фрањо честопати зборува за културата на средбата, префектот на Папскиот дом истакна дека Папата на аудиенциите навистина го живее она што го зборува. Се гледа дека пријатно се чувствува кога се среќава со верниците, кога ги ислушува, па и кога го допираат. Пред сѐ, се забележува како се однесува кон болните, кон луѓето со проблеми. Тука секогаш е видливо давањето и примањето, а тоа е голем дар, голема доблест на папта Фрањо.
На прашање на новинар што му оставило впечаток на Генералните аудиенции на папата Бенедикт, кому секогаш му бил во близина како негов личен секретар, надбискупот Генсвајн рече дека неговиот збор го полни срцето и му давала храна, ја покажувал насоката. Папата Фрањо е личност која го допира срцето, со папата Фрањо повеќе е задоволено окото. Додека со папата Бенедикт повеќе беше задоволено увото – изјви поглаварот на Папскиот дом.
РВ/З.А.