Во 2014 година се убиени 26 пасторални работници
Во 2014 година се убиени 26 пасторални работници, тројца повеќе во однос на минатата година, од кои 17 свештеници. Тој податок е од извештајот што агенцијата Фидес секоја година им го посветува на членовите на Католичката Црква, на жртви, во најголем број на насилни дела направени додека ја извршувале својата служба. Веќе шест години по ред најголем број од убиените пасторални работници се забележани на американскиот континент.
На врвот од тој тажем извештај оваа година, се монасите, монахињите и лаиците кои, лице во лице се соочиле со вирусот на ебола и посебно со лицата на оние кои беа од него погодени и одлучиле да го стават на коцка сопствениот живот со цел да им помогнат на оние кои биле само на чекор до смртта.
Агенцијата Фидес во извештајот едно цело поглавје посветува на четирите собраќа, на една монахиња и на 13 пасторални работници од Болничката заедница на Милосрдните браќа на свети Иван од Бог, кои умреа во Сиера Леоне и во Либерија. Еболата го намали бројот на членовите на нивната заедница во тие земји. Притоа мислите, неизбежно одат до мисионерките на сиромашните Сестри од Бергамо кои во 1995 година во Конго умреа од ебола и за кои минатата година е отпочната постапка за прогласување за светци.
Од 26 жртви кои се наведени во извештајот, од насилна смрт загинаа 17 свештеници, еден монах, шест монахињи, еден богослов и еден лаик. Повеќе од половина од тој број, точно 14 од нив се убиени во Америка. Меѓу нив има дури 12 свештеници. Во Африка, пак, се убиени 7 пасторални работници, 2 свештеници и 5 монаси, а останатите, еден свештеник и една монахиња се убиени во Азија, 1 свештеник и 1 лаик во Океанија, а во Европа животот, исто така, го има изгубено еден свештеник.
Во извештајот, меѓу другото, се потсетува дека во споменот на тие лица намерно не се употребува изразот „маченици“, туку сведоци. Освен тоа, се истакнува дека повеќето од пасторалните работници убиени во 2014 година, смртта ја доживеале во обидите на киднапирање и кражби и дека во повеќето случаи нападите се извршени на брутален и нечовечки начин, што е знак на морална деградација, на општествено и културно сиромаштво и неподносливост во која живееме, стои во извештајот.
Некои од нив беа убиени од лицата кои им помагале, други пак му ја отвориле вратата на некого што барал помош, и така потоа тој што бара помош ги нападнал; некои животот го загубиле за време на кражба, додека сеуште не се знае причината на бројните напади и киднапирања кои завршиле трагично, и за кои можеби никогаш нема ни да се дознаат вистинските мотиви, се истакнува во извештајот.
Во извештајот исто така се спомнува и пресудата на нарачателите на убиството на аргентинскиот бискуп Енрике Ангелелиј, изречена цели 38 години по убиството, кое во почетокот било прикажано како сообраќајна несреќа. А осудените се и нарачатели и извршители на убиството на бискупот Луиџи Локати, апостолски викар во Исиола, Кенија, убиен 2005 година. Фатени се исто така и одговорните за убиството во 2013 година на патер Томас, ректор на Семинаријата во Бангалоре, во Индија.
Последните мисли се мисли на надеж кои, иако мали не сакаат прерано да се предадат. Станува збор за надеж во судбината на киднапираните или исчезнатите пасторални работници, за кои нема никакви вести, како што се тројцата конгоански свештеници, кои се киднапирани во Демократската Република Конго во октомври 2012 година.
На овие пописи кои не се дефинитивни, а кои агенцијата Фидес ги составува секоја година, секогаш има да се додаде и друг попис на многумина за кои можеби никогаш и нема да има вести, или пак дури и не им се знаат имињата, а кои на сите делови од планетата трпат и со сопствениот живот ја сведочат својата вера во Исус Христос, се истакнува на крајот од извештајот на агенцијата Фидес.
РВ/В.Н.