Велигденска честитка на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија (ВИДЕО)
По повод празникот Воскресение Христово, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија , Н.В.П. монс д-р Киро Стојанов упати велигденска порака до верниците и сите луѓе со добра волја. Католици.мк ја пренесува во целост:
Знаеме дека навистина воскресна, Божји Сине
Почитувани гледачи пред телевизиските екрани, драги радио слушатели, корисници на другите средства за комуникација, драги верници и луѓе со добра волја, примете го мојот срдечен поздрав!
Секоја година христијаните се собираат празнувајќи го врвот не само на литургиската туку и на црковната година, а тоа е празникот на Христовото воскресение. Секогаш нагласувам дека празнувањето не е потсетување на некој изминат настан, туку со силата на верата тоа е одново доживување на настанот кој што беше најголем исчекор во историјата. Верникот, но и секој човек не може да се помири со фактот дека и најсовршеното битие на оваа планета ако е повикано во живот дури и сто години да живее тука, сепак повеќето денови ќе му бидат исполнети со работа, страдание, грижа и мака. За конечно, да потоне во темнината на гробот. Сето наше битие силно се противи на фактот дека гробот е наш завршеток. Таков живот и за нас верниците би бил најголем Божји пропуст. Ние не веруваме во Бог кој би го уништувал човекот, туку веруваме во Бог кој на човекот му дава живот во целост. За нас смртта не е точка, туку две точки. И гробот не е бездна туку мост за премин од една многу ограничена реалност кон една далеку поголема и бесконечна исклучиво убава реалност на вечниот живот. Овој живот ограничен со раѓањето и гробот би бил многу сиромашен доколку не постои живот со смисла на достојно суштество, како што е човекот. На Велигден празнувањето и настанот што претставува средба во верата, го поддржуваме токму тој пламен на верата во вечниот живот. Веруваме и навестуваме дека вечниот живот не му припаѓа само на Духот туку дека вечниот живот му припаѓа и на нашето распадливо тело. Христовото воскресение и Вознесението на Марија се докази со кои Бог ни го навестува новото небо и новата земја со кој господари човекот кој на земјата животот го минал правејќи добро.
Драги браќа и сестри, Велигден е празник на обнова на верата и тоа верата во добриот Бог и среќниот човек. Верата не нè оддалечува туку нè доближува до човекот кој е повикан на живот во целина исполнет со среќа и блаженство. Деновите на Велигденското празнување за сите, а особено за нас верниците се денови на будење на одговорноста да станеме активни учесници во сите подрачја и да настојуваме секој човек уште тука да чекори по патот на животот достоен за човекот. Не прифаќаме понижување на телото, обесчестување на телото, убивање на телото, туку се залагаме за достоинство на човечкото тело, што не е принцип на двојност на човековата природа, зашто човекот е единствен во Духот, душата и телото. И само во оваа хармонија човекот ја живее својата полнота.
Посакувам на сите нам празнувањето на Христовото воскресение да ја обнови нашата вера во достоинството на вистинскиот човек, човекот во неговата целина и на сите вам ви посакам патување во животот што не завршува во бездна туку во новата реалност на вечниот живот. Христос воскресе!