Папата: Божјиот сон за нас е да Го љубиме Него и ближниот

Папата: Божјиот сон за нас е да Го љубиме Него и ближниот

Исус својот живот го поминал проповедајќи и правејќи го она што вистински е важно и клучно, односно љубовта – рече папата Фрањо на присутните верници за време на својот пладневен наговор на 29 октомври 2017 година, на плоштадот Свети Петар.

Светиот Отец во своето размислување се фокусираше на денешниот дел од Евангелието според Матеј во кое слушаме како еден законик сака да го искушува Исус со прашањето: „Учителе, која заповед е најголема во Законот? А Исус му одговори: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси! На тие две заповеди се крепат целиот Закон и Пророците.“ (Мт 22, 34 -40)

Папата вели дека тој законик на Исус му поставил „лукаво“ прашање, бидејќи Мојсеевиот закон брои повеќе од 600 заповеди Но, Исуовиот говор не е самообјаснувачки – објасни папата Фрањо – бидејќи меѓу сите тие заповеди најважен е Декалогот односно Десетте Божји заповеди кои се услов за Божјиот сојуз со неговиот народ. Исус сака да ни даде до знаење дека без љубовта кон Бог и ближниот нема вистинска верност на сојузот со Бог.

Тоа го потврдува делот од Книгата Исход која се нарекува „Кодекс на сојузот“. Ниту еден човек кој лошо се однесува кон ближните, кој ги злоупотребува оние кои ја уживаат Божјата заштита, имено сираците, вдовиците и странците, не може да биде во сојуз со Бог – предупред Светиот Отец.

Папата Фрањо рече дека Исус со својот одговор сака на фарисеите исто така да им помогне да ја стават во ред својата религиозност, да го спознаат она што навистина е важно. Исус најважната заповед ја живеел со својот живот, така што ја проповедал и го правел она што е суштинско, односно љубовта. Љубовта во животот и патот на верата даваат полет и плодност, а без љубовта остануваат неплодни како животот така и верата – истакна Папата.

Светиот Отец рече дека Исус во овој евангелски дел нуди прекрасен идеал кој одговара на вистинската желба на нашите срца. Имено, ние сме создадени за да љубиме и да бидеме љубени. Бог Кој е љубов нѐ создаде за да имаме удел во неговиот живот, за да нѐ љуби и да Го љубиме, и со Него да ги љубиме сите други луѓе. Тоa е Божјиот „сон“ за човекот – нагласи папата Фрањо.

За да го оствариме тој сон, потребна ни е неговата благодат, во себе да ја примиме способноста за да љубиме која доаѓа од самиот Бог. Исус тоа ни го нуди токму во Евхаристијата во која го примаме Неговото Тело и Неговата Крв, односно Исус во најголемиот израз на неговата љубов кога самиот себе се принесе на Отецот за нашето спасение – рече Светиот Отец.

Нека Пресвета Богородица ни помогне во своите животи да ја прифатиме „големата заповед“ на љубовта кон Бог и кон ближниот – рече папата Фрањо и заклучи: Навистина, таа голема заповед на љубовта ја познаваме од своето детство, но никогаш да не престанеме да и се обраќаме и да ја спроведуваме на дело во различни ситуации во кои ќе се најдеме.

Папата после молитвата Ангел Господов ги поздрави присутните верници и на посебен начин го спомна Џовани Скијава, свештеник од Италија кој бил член на Конгрегацијата свети Јосиф, т.н. муријалдини, кој вчера во Бразил беше прогласен за блажен. Како млад свештеник (блажен Џовани Скијава) замина во Бразил каде ревно му служел на Божјиот народ и работел за формацијата на монасите и монахињите. Нека неговиот пример ни помогне во полнина да го живееме нашето прилепување на Христос и Евангелието – рече Светиот Отец. Додаваме дека спомнатата конгрегација ја основа свети Леонардо Муријалдо, свештеник од Италија, а кој е прогласен за светец во 1970 година.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот