Објавени се логото и мотото за патувањето на папата во Унгарија

Објавени се логото и мотото за патувањето на папата во Унгарија

„Христос е нашата иднина“ е мотото што ќе го придружува 41. Апостолско патување на Папата во странство од 28 до 30 април во Унгарија.

Христос е нашата иднина е мотото на Апостолското патување на папата Фрањо во Унгарија, при што ќе престојува во Будимпешта од 28 до 30 април.

Мотото и логото ги објави во среда 1 март 2023 година Канцеларијата за печат на Светиот Престол, која го објави и логотипот на 41. Апостолска посета на Папата.

Директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни, во понеделник објави дека Папата ќе ја посети источноевропската земја Унгарија откако ја прифати поканата од граѓанските и црковните власти.

За време на неговото тридневно патување, Светиот Отец ќе се сретне со бегалци и сиромашни, како и со деца од Институтот Блажен Ласло Батијани-Стратман. Предвидена е и Света Литургија со верниците, обраќање до властите, свештенството и монасите.

Повеќе од половина Унгарци се христијани, а најмалку 37% од населението се декларираат како католици.

Од почетокот на војната во Украина, според локални извори, скоро милион украински граѓани поминале низ Унгарија како бегалци.

Елементи на логото и мотото

Централниот дел на логото го претставува мостот на Будимпешта, најстариот унгарски мост на Дунав. Симбол на главниот град и нацијата, изворно е изграден за да ги поврзе градовите Будим и Пешта.

Тоа ја поттикнува идејата, која често ја спомнува Светиот Отец, за важноста на градењето мостови меѓу луѓето.

На двата столба на мостот се среќаваат боите на Светиот Престол (жолта и бела) и на Унгарија (црвена, бела и зелена).

Логото е во круг кој ја симболизира Евхаристијата и светот откупен од Христос.

На левата страна на кругот има крст кој потсетува на обраќањето на папата Фрањо на 12 септември 2021 година во Будимпешта, во кое тој изрази надеж дека крстот ќе стане мост меѓу минатото и иднината.

Десно од кругот е мотото, Христос е нашата иднина и натписот: папата Фрањо во Унгарија, 28-30 април 2023 година.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот