Генерална аудиенција: Секогаш мора да молиме

Генерална аудиенција: Секогаш мора да молиме

На Генералната аудиенција во среда 11 ноември која папата Фрањо ја одржа од библиотеката на Апостолската палата ја продолжи серијата катехези за молитвата, во која размислуваше за трите параболи во Евангелието според Лука во кои се нагласува важноста за упорното молење.

Драги браќа и сестри,

Продолжуваме со катехезите за молитвата. Некој ми кажа дека премногу зборувам за молитвата, дека тоа не е потребно. Да, потребно е! Затоа што ако не молиме, нема да имаме сила да одиме напред во животот. Молитвата е како кислород за животот. Со молитвата ја прифаќаме во себе присутноста на Светиот Дух коj секогаш нѐ води напред. И затоа многу зборувам за молитвата.

Исус даде пример на непрестајна, упорно практикувана молитва. Непрестаен дијалог со Отецот, во тишина и собраност, упориште на Неговото послание. Евангелијата ни ги донесуваат и неговите поттикнување до учениците: да молат упорно, неуморно. Катехизмот истакнува три параболи во Евангелието според Лука, кои ја истакнуваат оваа карактеристика на молитвата (сп. ККЦ 2613).

Молитвата пред сѐ мора да биде упорна, истрајна: како човекот од параболата, затоа што мора да го прими гостинот кој ненадејно пристигнал, во средe ноќ оди и тропа кај пријателот на вратата и моли за леб. Пријателот одговара: „Не“!, затоа што веќе е во креветот, но овој е упорен и истрајува додека не го присили да стане и да му даде леб (сп. Лука 11,5-8). Но Бог е повеќе трпелив од нас и кој со вера и упорност тропа на вратата на Неговото Срце, нема да биде разочаран. Нашиот Отец добро знае што ни треба; упорноста не служи за да го известиме или увериме за нешто, туку за да поттикне желбите и очекувањата во нас.

Втората парабола е за вдовицата која се обраќа кај судијата за да ѝ помогне да ја добие правдата. Овој судија, кој бил бескрупулозен човек, но на крајот огорчен од упорноста на вдовицата одлучува да ѝ излезе во пресрет (сп. Lука 18,1-8). Оваа парабола ни дава да разбереме дека верата не е моментално восхитување, туку храбра подготвеност да го повикаме Бог, дури и со „кавга“ со Него, не прифаќајќи го злото и неправдата.

Третата парабола ни ги прикажува фарисејот и цариникот кои одат во Храмот на молитва. Првиот се обраќа на Бога фалејќи се со своите заслуги; другиот се чувствува недостоен, дури и за да влезе во светилиштето. Меѓутоа, Бог не ја слуша молитвата на горделивите, туку ја услишува на понизните (сп. Лука 18,9-14).

Науката на Евангелието е јасна: секогаш мораме да молиме, дури и кога сѐ ни изгледа залудно, кога ни изгледа дека Бог е глув и нем, кога ни изгледа дека губиме време. Дури и ако небото се зацрни, христијанинот не престанува да моли. Неговата молитва оди рака под рака со верата. Верата, во многу денови од нашиот живот, може да изгледа како илузија, бесплоден труд. Но практикувањето на молитвата значи да се прифати тој напор. Многу светци ја имаат искусено ноќта на верата и Божјото молчење и биле истрајни.

Во тие ноќи на вера – кој моли, никогаш не е сам. Всушност, Исус не е само сведок и учител на молитвата, Тој е нешто повеќе. Нѐ прифаќа во својата молитва, така што можеме да се молиме во Него и преку Него. Тоа е дело на Светиот Дух. Заради тоа Евангелието нѐ повикува да го молиме Отецот во Исусово име. Свети Иван ги пренесува овие Господови зборови: „Што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам, за да се прослави Отецот во Синот. (Иван 14, 13). Катехизмот објаснува „сигурноста дека ќе ни биде услишана молитвата се темели на Исусовата молитва“ (ККЦ 2614). Дава крилја кои човечката молитва отсекогаш сакала да ги поседува.

Како тука да не се потсетиме на зборовите од Псалм 90,4-6, полни со доверба, кои извираат од срце кое во сѐ се надева на Бога: Со плеќите Свои ќе те осени и под крилјата Негови ќе бидеш во сигурност: како што ќе те окружува Неговата вистина. Нема да се уплашиш од ноќен страв, ни од стрела што лета дење, од суштества што одат во темнина, од зараза и од бес што опустошува напладне. Во Христос се исполнува оваа целосна вистина. Нашите молитви без Исус би биле изложени на опасност да се сведат на човечки напор главно осудени на неуспех. Тој го зеде врз себе секој крик, секој писок, секоја радост, секоја молба, секоја човечка молитва.

Христос ни е сѐ, дури и во нашиот молитвен живот. Тоа го потврдува и свети Августин со просветлувачки израз, кој го сретнуваме и во Катехизмот: Исус „се моли за нас како свештеник; моли во нас како наша глава; ние му се молиме на својот Бог. Затоа во Него ги препознаеме нашите гласови и во нас Неговиот глас“ (ККЦ 2616). И затоа – христијанинот кој моли, не се плаши од ништо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот