Божјото милосрдие е неизмерно во средбата и простувањето
Папата Фрањо на светата Литургија за посвета на елеј во базиликата Свети Петар истакна дека Божјото милосрдие е неизмерно во средбата и простувањето. Свештениците ги предупреди на дигиталната виртуелна световност „која се отвoра и затвoра со едноставен клик.“
Во Светата Година го славиме Отецот со својата благодарност во срцата и молиме секогаш да си спомнува на своето милосрдие; го прифаќаме – со достоинството кое знае да се срами – милосрдието во ранетото тело на нашиот Господ Исус Христос и Го молиме да нè измие од секој грев и да нè ослободи од секое зло; да се трудиме со милоста на Светиот Дух да го пренесуваме Божјото милосрдие на сите луѓе – порача папата Фрањо на светата Литургија на 24 март за посвета на елеј во базиликата Свети Петар.
Исусовата борба не е против луѓето, туку против ѓаволот, непријателот на човештвото. Христос не се бори за да ја изгради својата моќ. Ако Тој ги руши нашите огради и ја става во прашање нашата сигурност, тоа го прави за да ја отвори вратата за поплавата на милосрдието кое сака да го излее во светот – рече Папата.
Милосрдието расте со секој знак и дело на милосрдие – продолжи Светиот Отец. Со молитвата Бог секогаш сè повеќе ни искажува милосрдие за да се срушат ограничените рамки со кои често се обидуваме да го ограничиме изобилството на Неговото Срце. Добро ќе ни биде да излеземе од нашите рамки затоа што е соодветно Божјото срце да изобилува со милосрдието, прелевајќи ја нежноста на таков начин и секогаш дава повеќе.
Светиот Отец рече дека свештениците треба да го овоплотат милосрдието и да можат да допринесат за негова „инкултурација“ за секој човек да може да го прими во сопственото искуство и креативно да го практикува во сопствениот народ и семејство. Преку Господовиот пример – продолжи – не треба да се двоумиме во „неизмерното“ искажување на милосрдието во средбата и во простувањето во кои Бог засрамува, враќајќи ни го истовремено достоинството.
Потсети на параболата за милосрдниот татко и рече дека гледајќи ја неизмерната радост на таткото која се покажува без ограничувања заради враќањето на синот, ниту ние не треба да се плашиме од претерувањето во нашата благодарност. Милосрдието – истакна – обновува сè и на секој човек му го враќа достоинството. Дури кога во потполност ќе учествуваме во славата и радоста ќе можеме исправно да размислуваме, да молиме за прошка и јасно да видиме како да го надоместиме злото кое сме го направиле. По исповедта се радуваме ли? Или веднаш преминуваме на следната работа? – праша Папата.
Друго подрачје каде што Бог изобилува со милосрдието е простувањето. Не само што ги простува неизмерните долгови, туку директно од најголемиот срам нè води во најголемото достоинство. Меѓутоа Светиот Отец рече дека ние често го разделуваме ставот на срам и достоинството. Кога се срамиме заради своите гревови „се сокриваме и одиме со подигнати глави“ како Адам и Ева.
Исправниот одговор на Божјото неизмерно простување – рече Папата – „треба секогаш да ја сочува таа здрава напнатост помеѓу достоинствениот срам и посраменото достоинство“. „Тој е ставот на некој кој бара понизно и ниско место, но дозволува Господ да го воздигне заради посланието без самозадоволство.“
Свештеникот треба да се поистоветува со исклучените – продолжи Светиот Отец потсетувајќи на „безбројното мноштво“ сиромашни, необразовани и затворени. Токму сиромашниот и необразован народ Господ го преобразува во свештенички народ. Ист отака ги предупреди свештениците да водат сметка за тоа колку се заслепени или колку им недостасува светлината на верата – според неговите зборови – „не заради тоа што немаме Евангелие при рака, туку заради премногу комплицираната теологија“. Рече исто така дека свештениците често се чувствуваат затворени со „дигиталната, виртуелна световност која се отвора и затвора со едноставен клик.“
Угнетени сме не од заканите или притисоците како многу сиромашни, туку од привлечноста на илјадниците комерцијални реклами од кои не можеме да се ослободиме за да одиме напред, слободни по патот кој нè води до љубовта кон браќата и сестрите – рече Папата. Но, и покрај многу искушенија со кои се соочуваат свештениците – заклучи – Исус дојде за да нè откупи и да нè испрати, да нè преобрази за да станеме служители на милосрдието и утехата.
РВ/к.мк