Божиќ е доказ на Божјата љубов – полноќна Божиќна света Миса во Скопската катедрала

Во вторникот на 24.12.2013 во Скопската катедрала Пресвето Срце Исусово верниците го дочекаа празникот на Христовото раѓање – Божиќ. Свечената света Миса ја предводеше Н.В.П. монс. д-р. Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија во сослужение на монс. Антун Циримотиќ, скопскиот парох Дон Давор Топиќ, отец Зоран Стојанов и отец Марјан Ристов.

Освен многубројните верници, во катедралата беше присутен државниот врв на чело со Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, Претседателот на Собранието Трајко Велјановски и Премиерот на владата на Република Македонија Никола Груевски, заедно со сопругите. Присутни беа и претставници на верските заедници во Македонија, како и Претседателката на Комисијата за односи со верски заедници Валентина Божиновска.

Во текот на светата Миса се читаа молитви на верниците на повеќе странски јазици со што се означува универзалноста и богатството на Католичката црква. Катедралниот хор Пресвето Срце Исусово под водство на с.Татјана Атанасова изведуваше песни од богатиот божиќен репертоар. Како солист настапи Ернест Ибраимовски, а настап на виолина имаа Кристијан Зефиќ и Камелија Дукова.

 Е.Абјаниќ

Категорија: Македонија

За авторот