Бискупот Стојанов ги прими посветените лица од градот Скопје

Бискупот Стојанов ги прими посветените лица од градот Скопје

Во рамките на традицоналниот предбожиќен прием во епископската резиденција на Водно, во име на сите посветени лицаод градот Скопје се обрати отец Зоран И. Стојанов, а епископот Стојанов исто така упати пригодно слово до присутните.

На 23 декември 2023 година, во бискупската резиденција во Скопје, претставници на Богопосветените лица од градот Скопје го посетија Скопскиот бискуп и Струмичко – скопскиот епарх монс. д-р Киро Стојанов и во таа прилика му ги честитаа претстојните Божиќни празници.

Традиционално, секоја година претставник од некоја заедница од Скопје, во име на сите упатува честитката на бискупот. Оваа година, во име на сите честитка упати протојереј отец д-р Зоран И. Стојанов, декан на Деканатот свети Кирил и Методиј, директор на Македонски Каритас и ректор на светилиштето Мајка Божја Утешителка – Паљурска, кој најпрво го искажа своето задоволство што во име на скопската заедница на Богопосветените лица може да искаже честитка и желби во ова благословено време на исчекување на Раѓањето на Спасителот на светот.

Тој истакна дека папата Фрањо, сака 2024 година, да биде „Година на Молитвата“ и додаде дека во рамките на подготовките за јубилејот, епархиите се поканети да ја промовираат централноста на индивидуалната молитва и молитвата во заедницата.

Во оваа прилика отец Зоран И. Стојанов потсети на „Првото пастирско писмо“ на епископот Стојанов за годината на молитва во 2017 година која ја славеше Католичката Црква во Македонија, каде се истакнува следново: „Да ги сочуваме милосните текови на Годината на милосрдието и благодатта на наследството на света Мајка Тереза повикани сме, на изворот на живата вода да изградиме крајбрежја за таа да не се претвори во мочуриште и не се разлее и упропастувајќи го сето она што е изникнато во срцата и во нашите заедници во Годината на милосрдието и на канонизацијата на света Мајка Тереза“.

Своето обраќање до епископот Стојанов отец Зоран го заврши со една молитва и зборовите: Во сета наша несовршеност, Ваше Високо Преосвештенство ви благодариме за сета Ваша грижа за целата Црква во Македонија, целосно вклучувајќи го Македонски Каритас, Светилиштетото Паљурци, сите Парохиските заедници и Монашките општества, Црковните движења кои делуваат на територијата на двете епархии и секако нашинците во странство, сакаме да ве увериме во нашите молитви и за време на овие празнични денови кои престојат пред нас.

Обраќајќи им се на присутните свештеници, чесни сестри, лица со посветен живот и верници, епископот Стојанов истакна дека Божиќ е пригодно време за честитки и додаде дека за христијаните, а уште повеќе за духовните лица, овие честитки всушност стануваат молитви, така што Господ ќе ги претвори нашите бедни зборови на добри желби во плодни настани на благодатта. Тој истакна дека оваа година, која полека се приближува кон крајот, лично ја разбира и сфаќа како време на посебна благодат во служба што му е доверена, а која заедно со присутните ја извршува во двете бискупии.

Од бројните настани што се случија во текот на годината која изминува епископот Стојанов издвои неколку, како што е средбата со Светиот Отец папата Фрањо на 29 март кога од поранешниот претседател Иванов му беше доделено признание за морален лидер на светот, како и посетата на хрватскиот премиер господинот Андреа Пленковиќ, посетата на Директорот на Реновабис отец д-р Томас Шварц и Генералната секретарка на Европскиот Каритас г-ѓа Марија Ниман, за кои рече дека се личности од големо значење за Црквата во Македонија.

Не спомнувајќи ги поединечно конференциите одржани во и надвор од земјата, а кои оваа година беа навистина во голем број, сепак епископот Стојанов се задржа на настани од духовен и пасторален карактер кои се случија во Црквата во Македонија издвојуваќи ги двете поклоненија во Национално светилиште Света Марија Утешителка Паљурска, во мај и октомври, на кои учество зедоа многу верници ходочесници. Потоа епископот Стојанов се осврна на Трибините одржани во организација на Деканатот Свети Кирил и Методиј, парохијата Раѓање на Свети Иван Крстител од Струмица и Радио Марија, кои придонесоа многу верници да се запознаат со поедини светилишта кај нас и светот и да ја дознаат целта на самите светилишта, а воедно придонесе за будење на побожноста кај многу верници – рече монс. Стојанов.

Користејќи ја оваа можност бискупот Стојанов се заблагодари на неговите најблиски соработници во Ординаријатот, на канцеларот и економот о. Марјан Ристов, с. Винкентина и с. Климентина за нивната отвореност, соработка и помош во извршувањето на неговата пастирска служба на овој дел од Божјиот народ во Скопска бискупија и Струмичко-скопоската епархија.

Епископот Стојанов искажа благодарност и до катедралниот парох, директорот на Македонски Каритас и неговите соработници, директорот на Радио Марија и уредникот на порталот Католици.мк, на локалниот координатор на Едукативниот центар во Сарај, до неуморниот мисионер во Куманово, Битола, Прилеп и Велес како и до многуте активни и доста ангажирани свештеници, чесни сестри, посветени лица и верници од Скопска бискупија и Струмичко – скопската епархија.

Честитајќи им ги престојните празници своето обраќање бискупот Стојанов го заврши со зборовите: На сите ви посакувам честит празник Рождество Христово – Божиќ. Мирот и светлината од Господа што доаѓаат во пресрет на секој од нас нека ве придружуваат во Новата година. Бог да ве благослови! Бидете здарви и весели! Христос се роди!

Божикниот дар за епископот оваа година го подготви Македонски Каритас.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот