Бог никогаш не се откажува од своите деца

Бог никогаш не се откажува од своите деца

Катехезата за светата Тајна Крштение нѐ поттикнува да зборуваме за светото Крштение кое е пропратено со повикувањето на Светата Троица, односно централниот обред во кој се „крсти“, односно се потопува во воскресното таинство на Христос. Смислата на тој чин свети Павле го објаснува на христијаните во Рим прашувајќи ги најпрво: „Зар не знаете дека сите ние што се крстивме во Исуса Христа, во Неговата смрт се крстивме?“, а потоа одговара: „И така, ние се погребавме со Него преку крштавањето во смртта, та, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, така и ние да одиме во обновен живот“ – потсети Светиот Отец и напомена: Крштението ни ги отвора вратите на воскресниот живот, а не на световниот живот.

Крстилницата е местото каде се слави Воскреснието со Христос! – рече Светиот Отец и продолжи: Се потпопува стариот човек со своите лажни страсти како би се родило ново создание; навистина старите работи умираат и се раѓаат нови. Во „Катехезите“ кои се препишуваат на свети Кирил Ерусалимски, на новокрстените им се објаснува што се случува во водата на крштението. ‘Во истиот момент умирате и се раѓате, истиот бран за вас стана и гроб и мајка’. Повторното раѓање на новиот човек бара од човекот кој е расипан од гревот да биде уништен.

Сликата на гробот и мајчинската прегратка во однос на изворот, всушност се многу силни за да го искажат она големото што доаѓа по едноставниот чин на крштение – рече Папата и цитира напис кој се наоѓа на старата римска латеранска крстилница, а се препишува на папата Сиксто III: „Мајката Црква ги раѓа девствено преку водата децата, кои ги зачна преку Божјот здив. Сите кои повторно се родени од тој извор се надеваат на царството небесно“. Црквата која нѐ раѓа, Црквата која е мајчинска прегратка, преку крштението е наша мајка.

Ако нашите родители нѐ родиле за овозмескиот живот, Црквата преку крштението повторно нѐ раѓа за вечен живот – рече папата Фрањо и истакна: Станавме деца преку Неговиот Син Исус. Исто така препородени со вода и Светиот Дух, Небесниот Отец дава во секој од нас да оддекнува со бескрајна љубов Неговиот глас кој вели: „Ова е мојот возљубен Син“. Тој глас на Отецот, незабележителен за увото, но срцето на оној кој верува го слуша добро, нѐ придружува низ целиот живот и никогаш не нѐ напушта.

Преку целиот живот Отецот ни зборува: Ти си мојот возљубен син, ти си мојата возљубена ќерка – потсети Светиот Отец и додаде: Бог нѐ води како Отец и не нѐ остава сами, и тоа од моментот на крштението. Повторно родени како деца Божји, тоа и остануваме засекогаш. Во суштина Крштението не се повторува, бидејќи христијанинот го обележува со неизбришлив духовен белег: Тој печат не може да се избриши со никаков грев, па и тогаш кога гревот пречи крштението да донесе плодови за спасение“. Печатот на крштението никогаш не се губи! Ако некој стане одметник кој убива луѓе, кој врши неправда, печатот не се бриши. Тој човек кој е син Божји тие работи ги прави за сопствена срамота, но печатот не се бриши. Тој и понатаму останува дете Божјо кое се противи на Бог, но Бог никогаш не се откажува од своите деца.

Придружени на Христос преку Крштението, крстениците се сообразуваат на Него, „првороден меѓу многуте браќа“ – рече папата Фрањо и нагласи: Преку делувањето на Светиот Дух, крштението прочистува, посветува, оправдува, обликува во Христос, многумина во едно тело. Тоа го искажува помазанието со миро, кое е „знак на царско свештенство на крстените и неговиот прием во заедницата на Божјиот народ“. Поради тоа свештеникот ја помазува главата на секој крстеник со свето миро, откако ќе ги изговори зборовите кои го објаснуваат значењето на тој чин: Бог ве посветува со миро на спасението, бидејќи сте овоплотени во Христос свештеник, цар и пророк, секогаш сте членови на неговото тело за живот вечен.

Христијанскиот повик значи да се се живее соединето со Христос во светата Црква, да се учествува во истата посветеност за да вршат исто послание на овој свет и да донесуваме плодови кои ќе траат засекогаш – истакна Папата. Придвижени од истиот Дух целиот Божји народ учествува во таа трикратна Христова служба: свештеник, пророк и цар и е одговорен за посланието и служењето кое произлегува од таму. Да се соучествува во Христовото царско и пророчко свештенство значи самиот себе да се стори дар кој е Богоугоден, да сведочи за Него со живот во вера и љубов, ставајќи го својот живот во служба на другите по примерот на Исус.

Поздравувајќи ги на крајот од аудиенцијата сите ходочасници и посебно обраќајки им се на младите, старите, болните и младенците, Светиот Отец ги поттикна во месец мај да ја негуваат побожноста кон Богородица со секојдневна Света Бројаница, но и како Богородица да се прифаќа таинството на Христовиот живот, како би можеле да бидеме сѐ повеќе и повеќе дар на љубов за сите.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот