Бискупот Стојанов го прими  хрватскиот премиер Пленковиќ

Бискупот Стојанов го прими  хрватскиот премиер Пленковиќ

Бискупот Стојанов го прими во бискупската резиденција на Водно хрватскиот премиер Пленковиќ во рамки на неговата официјална посета на Македонија.

Во попладневните часови во среда 5 април 2023 година Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов во биксупската резиденција на Водно го прими премиерот на Република Хрватска Андреј Пленковиќ, кој беше придружуван од неговите соработници. Бискупот Стојанов на средбата го придружуваа о. Зоран Стојанов – директор на Македонски Каритас, о. Марјан Ристов – бискупски канцелар, о. Винко Маслаќ – катедрален парох и о. Марјан Бешлиќ.

Во пријатна и срдечна атмосфера бискупот Стојанов го запозна хрватскиот премиер со животот на Католичката црква во Македонија, како и со добрите односи со Црквата во Хрватска. Исто така ја истакна добрата соработката на Католичката црква и Амбасадата на Република Хрватска во Република Македонија.

Премиерот Пленковиќ му се заблагодари на Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. Киро Стојанов за континуирана грижа за хрватската заедница во Македонија. Владата на Република Хрватска ќе продолжи да дава помош, особено преку Централната државна канцеларија за Хрватите надвор од Република Хрватска – нагласи премиерот Пленковиќ.

Средбата на бискупот Стојанов со хрватскиот премиер Пленковиќ заврши со размена на подароци.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот