Бискупот Стојанов го постави дон Томаш Бак на служба во Куманово

Во петок 15 јануари 2016 година во бискупската резиденција во Скопје, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монс. д-р Киро Стојанов го прими дон Томаш Бак, свештеник од надбискупијата Przemysl во Полска кој ќе биде во мисија во Куманово, како свештеник на заедницата „missio ad gentes“и ќе раководи со пасторалната дејност во тој град.

На самиот почеток на средбата дон Томаш накратко му се претстави на бискупот Стојанов и го запозна со десетгодишното искуство од свештеничкото служење во неговата надбискупија. Рече дека има искуство во харизмата на Неокатекуменскиот пат и може да биде на располагање на Црквата помагајќи во мисиите. Исто така ги пренесе поздравите на својот ординариј и претседател на Полската бискупска конференција монс. Јозеф Михалик.

Бискупот Стојанов изрази радост заради доаѓањето на дон Томаш во Скопската бискупија, и му заблагодари за расположливоста за служењето во Црквата, давајќи му охрабрувачки, татковски збор. Во пријатниот и срдечен разговор бискупот се присети на своите патувања во Полска, истакнувајќи дека во срцето носи спомени од убавиот престој во таа земја. На дон Томаш му го додели својот пастирски благослов за неговата пасторална работа во Куманово, посакувајќи му плодна мисија во ширењето на царството Божјо.

к.мк/д.Д.Т.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот