Бискупот Стојанов служеше Воскресна Света Литургија во скопската катедрала

Бискупот Стојанов служеше Воскресна Света Литургија во скопската катедрала

Во предвечерието на празникот Воскресение Христово, 3 април 2021 година, Н.В.П. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх ја предводеше Воскресната Света Литургија во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, на која сослужуваа ограничен број свештеници од Скопска бискупија и Струмичко – скопската епархија. Во оваа прилика бискупот Стојанов ги пренесе поздравите на Апостолскиот нунциј во Македонија, монс. Анселмо Гуидо Пекорари.

Велигденското бдение започна со благослов на огнот пред катедралата и внесување на воскресната свеќата во катедралата.

За време на светата Литургија пригодна проповед упати бискупот кој истакна: Драги браќа и сестри, Исус со својата победа над гревот и смртта и со своето воскресение од мртвите, ни даде нов, неуништлив живот и на тој начин ги наполни небото и земјата со голема радост. (…) Велигденската радост ги исполнува и нашите срца. Секој што верува во Христовото воскресение, веќе совоскреснал со Него. Тој знае дека кревкоста на постоењето, и дека страдањето и смртта го немаат последен збор. Исто така знае дека со Христовата смрт и воскресение злото е надминато засекогаш, дека се скршени оковите на подземниот свет и дека сме извадени од ропството на гревот и смртта како слободни деца Божји. Така, смртта веќе не е страшило што ќе нè исполни со ужас, зашто Бог нè повика на живот и тој исто така, еден ден, кога ќе се врати во слава, ќе ги преобрази нашите тела и ќе ги придружи на своето славно тело. Кој е Христов, нема од што да се плаши. Затоа што самиот Исус порачува: „Не плашете се!“ Среќен и благословен празник Воскресение Христово – Велигден!

На крајот следуваше благослов на велигденските јадења, по што бискупот Стојанов го подели својот благослов.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот