Наградена монахињата која ја помина пандемијата во казнено-поправен дом за да им служи на затвореничките

Наградена монахињата која ја помина пандемијата во казнено-поправен дом за да им служи на затвореничките

„Во Чиле денес постои поголема свест дека во затворите има сиромашни луѓе. Повеќе католици, вклучително и свештеници, се посветени да работат со овие луѓе“, вели сестра Нели Леон.

Монахињата од Чиле која помина година и пол во затвор служејќи им на затворените жени за време на пандемијата на коронавирус е добитник на наградата Зајед за човечко братство.

Затворите во Чиле биле затворени за посетители меѓу 2020 и 2021 година, но сестрата Нели Леон не сакала да ги остави затворениците без духовна поддршка, па решила да помине 18 месеци со нив без можност да излезе на слобода.

Сестра Нели ја започнала својата пасторална работа во затворите во 1999 година и набрзо сфатила дека на помладите затвореници им треба некој што ќе ги слуша и ќе им помогне во процесот на исцелување. За таа цел дипломирала на насоката „психо-духовна грижа“ и наредните 25 години од животот ги посветила на работа со затворенички.

За време на годините на служба, чилеанската монахиња стана познат поборник за правата на затворениците во Латинска Америка и постојано предупредуваше за постојаните прекршувања на нивните права по пренатрупаните, нездрави и насилни казнени институции.

„Во Чиле денес постои поголема свест дека во затворите има сиромашни луѓе. Повеќе католици, вклучително и свештеници, се посветени да работат со овие луѓе“, изјави за Crux  сестра Нели.

Но, на ниво на општество, монахињата од Чиле предупреди на трендот од државата да  бара сè повеќе затворања. Причината е зголеменото чувство на несигурност.

„Малкумина веруваат дека личноста која е лишена од слобода заслужува втора шанса и дека може да се рехабилитира и реинтегрира“, рече сестра Нели, додавајќи дека злоупотребата и насилството се вообичаени во животот на повеќето жени со кои работи и честопати се причината која ги доведува до животни грешки.

Добитничката на наградата Зајед жали што и покрај зголемената свест за проблемот, верската придружба сè уште не е достапна за затворениците во сите казнено-поправни установи, што според неа е должност на Црквата.

„Ова е нешто што им го должиме на овие мажи, а особено на овие жени“, вели сестра Нели.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот