Во Книгата Откровение на свети Иван Богослов последниот ред од тринаесетто поглавие стои: Тука е мудроста. Кој има ум, нека го пресмета бројот на ѕверот, бидејќи е број на човек, и бројот му е шестотини шеесет и шест. При толкување на овој ред ќе се држиме до католичката теологија, која попатно кажано е исправна, единствено исправна. Значи да го читаме овој ред слоевито, да не заборавиме.
Прво и наједноставно. Древните народи, особено Латините и Евреите, немале броеви како што имаме ние, туку буквите означувале бројки. И навистина, кога ќе го земаш на пример името Нерон, кога ќе се напише со римски бројки се добива 666. Иван сигурно мислел на Нерон. На грчки јазик, кога ќе го соберете зборот ѕвер, се доаѓа пак до 666.
Во ова е мудроста.
Се споменува мудроста, таа би требало да биде како некој семафор за нас. Повторувам, најдобриот толкувач на Библијата е самото Свето Писмо. Каде во Стариот Завет посебно се споменува мудроста и кој е поврзан со мудроста? Точно. Соломон. Тој бил најмудар од сите. Кога ќе ја отворите Првата книга царства каде што се спомнува Соломон, ќе наидете на многу интересна информација што многумина не ја знаат. Соломон добил 666 таленти злато. Тој барал данок од народот. Данокот бил толку голем што луѓето морале да работат во саботен ден за да заработат пари за данокот, а износот што требало да го платат бил 666 златни таленти. Соломон го ставил богатството пред Бога, ги принудувал луѓето да работат во саботен ден, заради неговата велелепна градба, го кршат саботниот ден, за пари, за богатство. Тоа всушност е сатанизам. Звучи страшно, но тоа е вистина. Ако го занемарите Бога заради материјалноста – го носите знакот на ѕверот. Тоа значи 666 (3 Царства 10,14).
Постои и уште едно друго толкување и ова толкувања исто така е исправно. Бројот 666 претставува изопаченост за бројот 7. Бројот 7 за Евреите е симбол на совршенство, симбол на хармонија и симбол на заветот. Бројот седум на хебрејски јазик – шева – е истиот збор и за завет, а значи да склопиш завет. Ако 7 е совршенство, 6 го претставува целиот материјален свет. Зошто? Бог го создал светот за шест дена, го создал целиот материјален свет и на седмиот ден се одморил. Сè што создал за шест дена му се поклонува на Бога на седмиот ден. Повторувањето на бројот шест трипати – 666 – е вечно да се застане на работите од овој свет.
Тука Иван мајсторски го внесува хебрејскиот менталитет во граматиката на грчкиот јазик. Иван пишува на грчки јазик, но размислува како Евреин. Евреите немале суперлатив и за да објаснат на пример добро, подобро, најдобро, тие би повторувале добро, добро, добро, три пати. Тоа е суперлатив. Убава, поубава, најубава би била: убава, убава, убава во оригиналниот текст на хебрејски. Бројот 666 е суперлатив за екстремен материјализам. Значи, вечно да застанеме на шестиот ден – не ми треба Бог. Тоа значи 666. Знакот на ѕверот 666 е симбол дека човекот е секогаш самодоволен, дека не му е потребен Бог. Тоа е всушност пропаст, тоа е проклетство, тоа е 666.
На ова мора да се спротивставиме, ние кои одиме на света Литургија. Сè што правиме во првите шест дена, му се поклонува на Исус Христос на седмиот ден.
За крај. живееме светотаински живот! Подобро би умреле отколку да ја прескокнеме светата Литургија, бидејќи кога се причестуваме со Неговото Тело и Крв, Душа и Божество, ние склучуваме завет со Бога. Бог да ве благослови.
Според толкувањето на дон Дамир Стојиќ/к.мк