Атмосферата на Синодата е позитивна и со голема соработка

Писмото на некои синодални оци до папата Фрањо е доверливо и објавеното од страна на некои медиуми не одговара ниту на текстот ниту на потписниците, уште повеќе што четворица од кардиналите изјавија побивање на објавеното.

Така отец Федерико Ломбарди го коментираше на последниот брифинг писмото на 13 кардинали, кои според објавеното, изразуваат во писмото скептичност во врска со методите на Синодата.

Отец Ломбарди ги окаратеризира публикациите како „проблематичен чин“, кој не треба да влијае врз синодалните оци. Според ватиканскиот портпарол, можат да бидат направени забелешки за методологијата на Синодата, „но веќе прифатената методологија треба да се применува“. Некои од „потписниците“ на писмото се модератори во работните групи и работат интензивно, додаде отец Ломбарди. „Атмосферата на Епископската синода е позитивна и се карактеризира со голема соработка“.

На брифингот се обрати и германскиот бенедиктински опат Јеремиас Шредер, претседател на бенедектинската Конгрегација Света Отилија кој изрази задоволство од применетата метода на работа на Синодата, бидејќи дава простор за дискусии во работните јазични групи на конкретни прашања. Опатот се задржа и на односот помеѓу религиозниот повик и семејството: „Многу млади монаси не доаѓаат формирани во католички семејства, туку како резултат на започнат катехетски пат кој ги доближува до верата и им нуди размислување за повикот. Сведоци сме на длабоки промени во социјалната основа на нашите верски редови“.

На брифингот говореа и две слушателки: Тереза Нирабукеје, од Африканската федерација Семејно делување од Руанда, која зборуваше за природните методи за прекин на бременоста, и Канаѓанката Мојра Мас Квин, директор на Канадскиот католички институт за Биоетика.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот