Архиепископот Темпеста на отворање на Светскиот ден на млади: „Заразете“ ги сите со Христовата радост
Рио де Жанеиро, 24.7.2013 /к.мк/ – И покрај дождот кој не запре во текот на целиот ден, повеќе од 500 илјади млади учествуваа на Светата Литургија на Копакабана, која во вторник 23 јули ја предводеше архиепископот од Рио де Жанеиро монсињор Орани Темпеста, со која официјално започна Светскиот ден на млади, кој е воден од мотото „Одете и направете ги сите народи мои ученици”. На белиот подиум доминираше огромниот небесносин крст. Песните, развеаните знамиња од сите земји во светот и празнична атмосфера, пред Литургијата, отстапија место на молитвената тишина, која настапи при пристигнувањето на Крстот на Светскиот ден на млади и иконата на Богородица, носени од млади од пет континенти. Пред Литургијата беа упатени молитви за невработените млади, за жртвите од пожарот во бразилската дискотека, за масовното убиство на децата во Канделарија, како и за младата Французинка, која го загуби животот во сообраќајна несреќа во Француска Гвинеја на пат кон Рио за Светскиот ден на млади.
Архиепископот на Рио, Орани Темпеста ги поздрави поклониците на светата Литургија на отворено на Светскиот ден на млади, потикнувајќи ги „заразно“ да ја шират радоста и мирот на Исус Христос во целиот свет. „Поминувајќи низ овој град, сведочето го Исус Христос, залагајте се за нов свет“, истакна архиепископот Темпеста во својата проповед во вторник, 23 јули, на Литургијата одржана на плажата Копакабана во Рио де Жанеиро. „Заразете ги сите со Христовата радост и мир, како стражари на иднината, работете на обновување на светот во светло на Божјот план.“ Поглаварот на Црквата во градот во кој се одржува Светскиот ден на млади им посака добредојде на младите, велејќи им дека овој прекрасен град стана уште поубав со нивната присутност.“ Тој истакна дека ваков настан во Латинска Америка не бил одржан 26 години, и смета дека со Божја провидност Рио де Жанеиро постана место за првото апостолско патување на Папата кој доаѓа од Латинска Америка и тој е првиот таков Папа во целата историја. Архиепископот Темпеста им заблагодари на поклониците за нивното доаѓање од целиот свет, нагласувајќи дека радоста на нашата вера на апостолското наследување не повикува и на другите да им пружиме рака и на тој начин да станеме мисионери на народите.
Папата Фрањо ја проследи преку телевизија Светата Литургија со која официјално е отвроен Светскиот ден на млади и остана многу импресиониран од големото учество на младите. Учество, што можеше да биде уште повеќе импресивен, но поради проблемите со метрото илјадници млади беа спречени да пристигнат на Копакабана. (Д.И.+го*ко)