Генерална аудиенција: Во името на Исус не може да се биде присилен

Генерална аудиенција: Во името на Исус не може да се биде присилен

Продолжувајќи ја катехезата за Посланието до Галатјаните, папата Фрањо на 6 октомври 2021 година, со присутните во салата Павле VI. зборуваше за христијанската слобода.

Слободата е богатство што навистина се вреднува само кога ќе се загуби, рече Светиот Отец. Многумина од нас кои се навикнати да бидат слободни, неретко чувствуваат дека тоа е стекнато право, а не подарок и наследство што треба да се зачува. Папата, исто така, рече дека има многу недоразбирања околу темата за слободата и дека многу различни ставови се судираат за тоа низ вековите.

Свети Павле погоден од фактот што христијаните, откако ја дознаа и ја прифатија вистината за Христос и неговото ослободително присуство, се движат кон ропството на гревот, легализмот, дозволувајќи да бидат привлечени од лажни понуди. Затоа, Апостолот ги повикува Галатјаните да останат непоколебливи и да ја зачуваат слободата што ја добиле преку крштевањето, свесни дека има „лажни браќа“ кои сакаат да ги воведат во ропство.

Навестување, кое ќе ја исклучи слободата во Христа никогаш нема да биде евангелски, нагласи Папата. Никогаш не можете да присилувате во Исусово име, никогаш не можете да направите некого роб во името на Исус, кој пак нѐ прави слободни.

Учењето на Павле за слободата е во согласност со зборовите на Исус во Евангелието по Иван: „„Ако вие останете при Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици; и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи” (Иван 8, 31-32). Оттаму доаѓа повикот да останеме во Исус, изворот на вистината, кој нѐ ослободува.

Христијанската слобода има два основни столба, објасни Светиот Отец во продолжение. Прво, слободата е благодат од Исус, и второ Христос е вистината, која ни се објавува.

Според зборовите на Папата, слободата е дар од Господ, бидејќи е плод на смртта и воскресението на Исус. Најголемата слобода од ропството на гревот, рече Папата, произлегува од Христовиот крст, изворот на радикалното ослободување на човечката личност. Фактот дека крстот, каде што од смртта сме лишени од секаква слобода, може да стане извор на слобода е парадокс што постојано нѐ воодушевува.

Ова е таинство на љубовта помеѓу Исус и Отецот кој го води до крстот. Исус постигнува целосна слобода со тоа што се предава на смрт, знаејќи дека само на тој начин може да добие живот за секого. Свети Павле, продолжи Папата, го искуси таинството на љубовта од прва рака. Распнувајќи го своето тело со страсти и желби на крстот, го доби најголемиот дар во својот живот: слободата. Оттука и неговата блискост со Исус, која исто така нѐ охрабрува.

Вториот столб на слободата е вистината. Вистината на верата, објаснува Папата, не е апстрактна теорија, туку реалност на живиот Христос, која го допира секојдневниот живот и целосното значење на нашите животи.

Слободата го ослободува човекот така што го преобразува неговиот живот и го насочува кон доброто. За да бидеме навистина слободни, рече Светиот Отец, мора да се познаваме себеси не само на психолошко ниво, туку пред сѐ да се отвориме за Христовата благодат во нашите срца.

Вистината мора постојано да нѐ испрашува и предизвикува, за да можеме да навлеземе подлабоко во она што навистина сме. Овој пат на вистината и слободата е напорен и трае цел живот, но тоа е патување на кое нѐ води и одржува Љубовта што доаѓа од крстот. Љубовта е таа што ја открива вистината и ни дава слобода и среќа, заклучи папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот