‘Vultum Dei Quaerere’ –Апостолска конституција за контемплативните монахињи
Промовирање на соодветна формација, посебни критериуми за автономност на контемплативните заедници, припаѓање на манастирите на федерации – се некои од точките на новата апостолска конституција на папата Фрањо Vultum Dei Quaerere – барање на Божјото лице – за женското контемплативно монаштво. Документот назначува 12 теми за размислување за посветениот живот општо и се заклучува со 14 одредбени членови.
Контемплативните монахињи – светло на човештвото
Да се биде „светла“ кои водат и го следат одот на човештвото – е задача која папата Фрањо ја истакна за жените посветени во контемплативниот живот. Во светот кој – дури и несвесно – копнее за Господ, лицата со посветен живот никогаш не треба да запрат во барањето на Божјото лице. Затоа Папата ги поттикнува контемплативните монахињи одважно да ги надвладеат искушенијата на „апатија, рутина, немотивираност и безволност која парализира“.
Формација и молитва
Светиот Отец повика на размислување за 12 теми на посветен живот, а првата се однесува на формацијата. Таа бара „постојано обраќање на Бога“ и соодветно времетраење: помеѓу 9 и 12 години. Манастирите треба да посветат големо внимание на разликување на повиците, не препуштајќи се на искушението на „броеви и ефикасност“. Молитвата Папата ја опиша како „с’рж на посветениот живот“. Таа – како што рече – не треба да биде „повлекување“ на монашкиот живот во самиот себе, туку „проширување на срцето како би се прегрнало целото човештво“, собено оние кои страдаат.
Lectio divina, евхаристија и помирување
Од основна важност е и Божјото слово како и lectio divina – нејзиното молитвено размислување. Апостолската конституција потоа ја истакнува вредноста на Литургијата и помирувањето, предлагајќи „продолжение на славењето“ во евхаристиското обожавање и живеењето на Светата тајна Исповед како „привилегирана можност за размислување на милосрдното лице на Отецот“, постанувајќи така „средства за помирување, опростување и мир“, кои се во светот „посебно потребни“.
Заеднички живот и автономија на манастирите
Петтата тема која документот ја истакнува е животот во заедница. Тој се опишува како сведоштво кое е потребно повеќе од кога и да е „во општество означено со поделби и нееднаквости“. „Можно е и убаво да се живее заедно и покрај потешкотиите поради разликите во генерациите, во формацијата и културите“ затоа што „единството и заедништвото не значат еднообразност“ – напиша Папата. Шестата тема пак говори за автономијата на манастирите. Иако се дава предност на стабилноста, единството и контемплацијата во заедницата, според папата Фрањо, не треба да значи независност или изолацијата“. Затоа ги поттикна монахињите да не дозволат да се заробат од „автореференцијалноста“.
Федерација и клаузура
Тесно поврзано со тоа прашање е и седмата тема на апостолската конституција, во која Папата потсетува на важноста на федерацијата како „структура на заедништво помеѓу манастирите кои делат иста харизма“. Тие се упатени на промовирање на контемплативниот живот и се помош во формацијата и конкретните потреби на манастирот. Осмата тема е пак посветена на клаузурата, која Светиот Отец ја нарече „знак на исклучителна врска на свршеницата Црква со својот Господ“.
Работа и тишина
Во текстот потоа се истакнува важноста на работата која контемплативните монахињи треба да ја извршуваат „со преданост и верност“, не дозволувајќи да ги „условуваат менталитетот на ефикасност и активизам во современата култура“. Работата има намена на „служење на човештвото и солидарност со сиромашните“. Осврнувајќи се на темата на тишина, папата Фрањо заклучи како таа служи за „ослушување и размислување за Словото“, испразнување на себе како би се создал простор за прифаќање. Тишината треба да биде „богата со љубов“ и „да се слуша Господ и крикот на човештвото“.
Дигиталната култура и средствата за комуникација
Свесен за промените во општеството и дигиталната култура која има „одлучно влијание во обликувањето на мислењето и начинот на однесување со светот“, папата Фрањо се осврна на средствата за комуницирање, поттикнувајќи на „разборито разликување“ како тие не би станале можност за „распрснување на заедничкиот живот“ или негово одбегнување, претворајќи се во „препрека на контемплацијата“.
Аскеза
Последна тема за која Светиот Отец проговори во апостолската конституција е аскезата „елоквентен знак на верноста“ во светот кој е глобализиран и без корени. Аскезата е пример за „човештво обележено и рането со многу поделби“ како да се биде покрај ближниот и тогаш кога е соочен со различности, напнатости, судири и ранливости. Аскезата не е уплашено бегство од светот затоа што монахињите, според зборовите на Папата, „остануваат во светот, не припаѓајќи на светот“. Постојано молејќи за човештвото, тие го слушаат крикот на жртвите на културата на отфрлање, постанувајќи така „скала“ со која Бог му доаѓа на човекот во пресрет и човекот се искачува кон Бог.
Да не се прифаќаат кандидатки само поради преживување на манастирите
Во одредбените членови на крајот од апостолската конституција во правните термини се дефинира само она што Папата претходно го изложи. Третиот член посебно утврдува дека „треба апсолутно да се одбегнува прифаќање на кандидатки од други земји со една цел, преживување на манастирот“. Осмиот член ги наведува нужните услови за правна автономија на заедницата, меѓу кои е способноста за формација и управа, вклученост во месната Црква и можноста за издржување. Ако тие услови не се задоволени, Конгрегацијата за посветен живот ќе го разгледа составувањето на ад хок комисија за „оживување на манастирот или пак негово затворање“.
Почетна обврска припаѓање на федерација
Деветтиот одредбен член истакнува дека на почетокот, „сите манастири треба да припаѓаат на федерација“. Ако некој манастир тоа нема да може да го направи, конституцијата Vultum Dei Quaerere одредува дека ќе мора да се бара дозвола од Светиот Престол, кому му припаѓа разгледувањето на таквите случаи. На крајот, 14 член истакнува дека Конгрегацијата за инситути на посветен живот одредува соодветни упатства, одобрени од Светиот Престол, во склад со харизмите на различните монашки семејства.
к.мк/РВ