Папата: Да внимаваме нашите пренаселени градови да не станат „концентрација на осамени луѓе“

Папата: Да внимаваме нашите пренаселени градови да не станат „концентрација на осамени луѓе“

Папата Фрањо ја предводеше светата Литургија во базиликата Свети Петар на 3. Светски ден на баби и дедовци и стари лица и ја истакна важноста на меѓугенерациската размена како средство за учење на убавината на животот и зајакнување на животот на Црквата

Светиот Отец ја предводеше светата Литургија во недела на 23 јули 2023 година во базиликата Свети Петар на која присуствуваа 8.000 стари лица од цела Италија, прославувајќи го 3. Светски ден на баби и дедовции стари лица.

Темата на овогодинешниот Светски ден е „И милоста негова е од колено до колено“, потсетувајќи на пасус од Евангелието според Лука.

Во својата проповед на светата Литургија, папата Фрањо се осврна на сите три параболи содржани во денешното Евангелие, тргнувајќи од она што им е заедничко, а тоа е заедничкото растење.

Пченицата и каколот растат заедно

Првата Исусова парабола во евангелскиот дел, рече Папата, напоменува дека пченицата и каколот растат на иста нива. „Тоа е слика која ни помага да ги видиме работите реално.

„Во човечката историја, како и во животот на секој човек, истовремено се присутни светлината и сенката, љубовта и себичноста“, истакна тој. „Покрај тоа, доброто и злото се испреплетени до тој степен што изгледаат неразделни.

Светиот Отец истакна дека овој реален пристап ни помага да гледаме на историјата без идеологии, без стерилен оптимизам и штетен песимизам.

„Христијанинот, вдахновен од Божјата надеж, не е песимист, но не е ниту наивен човек кој живее во свет на бајки, кој се прави дека не гледа зло и вели: „се е во ред!“ – нагласи Папата.

„Не, христијанинот е реалист: тој знае дека има пченица и какол во светот, се нурнува во себе и препознава дека злото не доаѓа само „однадвор“, дека не може секогаш да се обвинуваат другите, дека не смее да се „измислуваат“ непријатели против кои ќе се бори, избегнувајќи искрено преиспитување на самиот себе“.

Трпелива доверба во Господ

Папата понатаму рече дека оваа парабола ни го поставува прашањето: „Кога ќе видиме дека пченицата и каколот живеат заедно во светот, што да правиме? Како да се однесуваме? Во параболата, слугите би сакале да го искорнат плевелот. Тоа е став воден од добри намери, но импулсивен и агресивен“, рече папата Фрањо.

Се залажуваме самите себе, продолжи Папата, дека можеме да го искорнеме злото со свои сили за да ја спасиме чистотата. Тоа е искушение кое многупати се повторува: „чисто општество“, „чиста Црква“, но во постигнувањето на оваа чистота се изложуваме на опасност да бидеме нетрпеливи, непопустливи, дури и насилни кон оние што паднале во заблуда – истакна Петровиот наследник.

Правилниот став пред злото, рече Папата, е трпението, кое нè наведува да се однесуваме со почит кон другите и свесноста дека чистењето на срцето и конечната победа над злото, во суштина, се Божјо дело.

Прифаќање на таинството на животот

Потоа потсети дека постарите луѓе често се навраќаат на својот живот со носталгија и желба да ги поправат грешките од минатото. Сепак, нагласи римскиот бискуп, Исус ги повикува бабите и дедовците и постарите да ја прифатат тајната на животот со ведрина и трпение, на Него да му го препуштиме судот, да не живееме со жалење и грижа на совеста.

Староста навистина е благословено време, нагласи Светиот Отец, тоа е време за помирување со животот, за нежно гледање во светлината што се пробила и покрај сенките, со сигурна надеж дека доброто семе што го посеал Бог ќе надвладее над каколот со кој ѓаволот сакал да ги зарази нашите срца.

Плодна размена за братската заедница

Папата Фрањо потоа се осврна на друга парабола која вели дека царството е небесно Божјо дело кое делува тивко во ткивото на историјата, така што се појавува како мало и невидливо дело, како синапово зрно.

Растењето и стареењето, истакна Папата, е како растот на синапово зрно во големо дрво каде што другите можат да најдат ладовина и утеха.

Бабите и дедовците, додаде тој, нудат место каде децата и внуците учат што значи дом и ја доживуваат нежноста на прегратката.

Во оваа плодоносна размена, поттикна Римскиот бискуп, учиме за убавината на животот, градиме братско општество, а во Црквата овозможуваме средба и дијалог меѓу традицијата и новоста на Духот.

Предавање на верата

Осврнувајќи се на третата парабола, во која се зборува за мешање на квасецот и брашното за да нарасне тестото, папата Фрањо го истакна глаголот „мешање“, кој се однесува на уметноста која е „мистика“ на заедничкото живеење, мешање и средбата и излегувањето од себе и поврзувањето со другите.

Тоа ги поразува индивидуализмите и егоизмите и ни помага да создадеме свет во кој ќе има повеќе човечност и братство, рече Светиот Отец, за да не бидат старите лица маргинализирани или напуштени во својата осаменост.

На крајот, папата Фрањо ги повика младите и старите да ги споделуваат своите дарови и да растат заедно, слушајќи се, разговарајќи и поддржувајќи се меѓусебно.

На крајот од светата Литургија, група баби и дедовци симболично го врачија крстови на неколку млади луѓе кои од 1 до 6 август ќе учествуваат на Светскиот ден на младите во Лисабон, Португалија.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот